Украл пари и накит од куќа во Прилеп вредни над 2 милиони денари

Дваесет и тригодишен прилепчанец заработи кривична пријава за кражба на накит и пари од куќа во Прилеп, со што предизвикал матријална штета во вкупна вредност од околу 2.200.000 денари, соопшти МВР.

– Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп при Секторот за внатрешни работи Битола поднесе кривична пријава против прилепчанецот В.Д.(23) поради постоење на основи на сомнение дека сега пријавениот сторил кривично дело „тешка кражба“. Со извршеното кривично дело пријавениот се стекнал со противправна имотна корист од околу 2.200.000 денари, се наведува во соопштението.

Од полицијата појаснуваат дека на 18-ти овој месец во период од 19:00 до 23:30 часот пријавениот го скршил цилиндерот од металната порта, влегол во дворот, а потоа во куќата сопственост на Г.М.. Откако влегол во подрумот, ја отворил вратата од метален сеф и одзел пари во различни валути и апоени и тоа евра, австралиски и американски долари, швајцарски франци и фунти.

Освен парични средства, пријавениот пронашол и одзел и различен златен накит и тоа повеќе стари златни франги, шест до седум златни женски прстени, четири женски ланчиња, мала детска белезгија, сребрена пара, марамче на кое имало пришиено сребрена и златна пара и различни златни приврзоци.

Откако ги одзел предметите од сефот, се качил и на вториот спрат од куќата, испретурал по сите соби и од детската соба одзел еден женски часовник марка „Есприт“ и различен сребрен женски накит.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.