Родители внимавајте што прават вашите деца: Казните се огромни!!!

Петарди се палат по улици, под балкони, во станбените влезови за да одекнат колку што може повеќе. Многумина за ова ги обвинуваат родителите бидејќи тие им ги купуваат овие опасни играчки на децата или им даваат пари за нив, не мислејќи на последиците.

Овие пиротехнички материјали, иако се во илегална продажба доаѓаат до рацете на децата, а најчесто се играчки на тинејџерите, пишува Република.

– Секојдневно се пукаат огромен број петарди. Ги фрлаат насекаде, по автобуси, возила, а најчесто по луѓе и потоа бегаат и се кријат. Најчесто пукаат во ноќните часови, кога е полесно да се скријат, но не е исклучок и преку ден. Периодите пред Нова година се во целосен хаос, не само од петарди туку и од огномети, но и од балони полни со разни гасови, кои кога ќе пукнат звучат како бомба. Страшно е тоа, меѓутоа сите се плашат да ги искараат децата – вели Даниела, жителка на скопската населба Кисела Вода.

Лекарите велат дека лекувањата од ваквиот тип на повреди траат долго, по што е потребна и физикална терапија, а пациентите кои претрпеле загуба на прсти им треба и рехабилитација и социјализација. Но, она што го акцентираат е дека бројот на повреди од ваков тип е намален, иако, секако најдобра превентива е петардите да не се користат.

– Оваа недела интезивно слушам пукотници од петарди. Најчесто преку ден, а сето тоа почнува од почетокот на ноември, па сѐ до крајот на февруари. Петардите претежно ги пукаат деца на возраст од 13 или 14 години. Навистина ми здосадија – вели Игор, кој живее во Ченто.

Во пресрет на претстојните новогодишни и божиќни празници, Министерството за внатрешни работи апелира граѓаните да не употребуваат петарди и други пиротехнички средства, како и огнено оружје при прославувањето на празниците, не само заради предвидените законски санкции, туку и заради опасностите што по безбедноста, здравјето и животот на ги носи нивната употреба.

ВНИМАНИЕ: Купувањето и активирањето на петарди или пиротехнички средства на јавни места, на улица, во дворови, влезови на станбени згради, претставува законски прекршок за кој е предвидена глоба од 200 до 500 евра.

Согласно кривичниот законик, тој кој што неовластено изработува, држи, продава, набавува или врши размена со огнено оружје, муниција или експлозивни материи, ќе се казни со затвор од три до десет години.

– Ако предмет на делото е поголемо количество огнено оружје, муниција или експлозивни материи, или огнено оружје, муниција или експлозивни материи кои на граѓаните им се забранети, сторителот ќе се казни со затвор најмалку пет години. Ако делото е сторено во група, банда или друго злосторничко здружение, сторителот ќе се казни со затвор најмалку осум години, информираат од МВР, пишува Република.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.