Очекувајте најмалку 9.000 денари на сметка за К-15

Регресот за годишен одмор или К-15 и оваа година ќе им следува на вработените во приватните компании од македонското стопанство. Фирмите коишто не го исплатиле во претходните 10 месеци ќе мораат тоа да го направат во ноември и декември, а во случај да не го исплатат предвидени се парични и затворски казни за работодавачите.

Висината на К-15 се одредува врз основа на податоците за износот на просечната нето и бруто плата по вработен исплатена во послeдните три месеци. Врз основа на овие пресметки, минатата година тој износ беше најмалку 8.909 денари – најмалку 40% од просечната нето плата, а најмногу до 13.116 денари –  до 40% од просечната бруто плата по вработен објавена за последните 3 месеци.

Зголемувањето на минималнецот од 10.080 на 12.000 денари влијаe на тоа работниците на крајот од годината да добијат поголем износ за К-15 во однос на оној кој беше исплатен минатата година.

Пресметката објавена во дел од медиумуте врз основа на податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) за движењето на просечната нето и бруто плата во месец јуни покажа дека износот на К-15 за секој вработен во Македонија треба да се движи во интервал од 9.123 до 13.403 денари.

Доколку истата пресметка ја адаптираме на најновите податоци на ДЗС за месец август, тогаш износот на К-15 за 2017 година би бил уште поголем во однос на бројките добиени за месец јули. Така, минималниот износ на к-15 би бил 9.164 денари (40% од 22.912 – просечна нето плата по вработен за август), а максималниот износ би изнесувал 13.470 денари (40% од 33.675 – просечната бруто плата по вработен за август.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.