Вредните прилепчани кои го издигнаа светилиштето во Кален: Ги води љубовта кон Бог, а сила им е среќата на народот (ФОТО)

Игор Кулески, Јане Николоски, Диме Стојаноски, Горан Стојаноски, Дејан Цветкоски и Валентин Кулески веќе три години редовно работат на уредување на манастирот Св. Илија Писокал во село Кален мариовско.

Tие ја продолжуваат мисијата на претходниот црковен одбор да го обноват ова светилиште и да вратат дел од животот во недопрената планинска природа.

За тоа што се се има изградено и обновено досега, разговаравме со Валентин Кулески кој околу 8 години постојано е присутен на речиси секоја работна акција. Валентин скромно вели дека се што прави заедно со останатите го прави од љубов кон Бог и со цел да направат нешто што ќе биде корисно и посетувано од сите луѓе.

Условите кои се создаваат во ова живописно место се со намера да го оживеат местото и како низ годините во минатото тука да се собираат голем број луѓе за празниците.

Досега во манастирот се имаат направено нови тоалети, нова кујна, се нареди убава патека од портите до манастирот, уреден е дворот пред трпезаријата со бекатон плочки, поставена е цистерна за вода со зафатнина од 5000 литри, а на патот е направен мал параклис.

Овие луѓе и даваат живот буквално на секоја плочка, на секој камен, на секое дрво. Светилиштето се издига како феникс од пепелот, а резултатот од нивната работа е видлив особено за Илинден, кога многу народ, не само родум од Писокал или Кален, или Бонче, не само од Чумово и Штавица, туку и од Прилеп и од другите краишта на Мариово доаѓаат, уживаат во природата, се молат за здравје и прославуваат.

Кулески вели дека во план за овој месец е поставување јарбол со државното знаме, како и тоа дека ќе градат убава настрешница на патот, за секој добронамерник да може да застани и да одмори.

Вели дека досега манастирот се финансира од дарови на посетителите за празниците. Благодарни се на маркетот “Бонита Нине” од каде им излегле во пресрет за храна кога се организирале работните акции.

Најголемата желба на иницијативниот одбор е електричната енергија, која сега ја нема. Снабдувањето е со генератор, а електрична мрежа може да овозможи само државата.

Инаку манастирот се наоѓа во живописната и недопрена природа на почетокот на Мариово, веднаш после превојот Слива од десната страна на патот Прилеп-Витолиште, на оддалеченост од 18 километри од Прилеп.

Писокал е поранешно село кое во 1873 година имало 46 жители во 9 домаќинства, а во 1900 имало 90 жители.

Селото Писокал згаснало, запрел плачот на децата, крикот на добитокот и црковната камбана, под притисокот и палежот на Турците и Србите, во почетокот од минатото столетие.

Се исселиле жителите во денешното село Чумово. Според легендата, момата Илина ја изградила црквата, на денешното место, одмарајќи се од жетварската мака.

По дремката, и исчезнале опинците и калците. Го побарала на помош Свети Илија, а тој на празникот, и ја вратил “рубата”.

За благодарност, таа ја кренала црквата, наречена Свети Илија, а местото го крстила Писокал, по прекрасно, навезените први, калци како напишани.

Бог го оплеменил ова место со неверојатни пејсажи, многу зеленило и сенки кои се магнет особено во летните горештини.

Манастирот има конак со неколку соби, опремени за ноќевање, има трпезарија и кујна за подготовка на храна за слава за над илјада луѓе.

Овие луѓе ги заслужуваат сите пофалби за нивната вложеност, пожртвуваност, огромна желба, цврста воља, истрајност и добрина.

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.