Во Прилеп се одржа европско првенство во воздухопловно моделарство

Со прогласувањето на најдобрите поединци и екипи синоѓа на плоштадот „Александрија“ во Прилеп заврши Европското јуниорско првенство во воздухопловно моделарство што го организираа Воздухопловната федерација на Македонија и прилепскиот клуб „Феникс“, а се одржуваше од 25 до 29 јули.

vozduhoplovno-modelarstvo

На првенството учествуваа 80-ина натпреварувачи од 19 европски земји, кои се натпреваруваа во три категории на спортскиот аеродром кај Прилеп.

Според директорот на шампионатот Здравко Тодороски, организирањето на првенството е потврда на високите стандарди воспоставени лани кога се одржа Светското првенство во воздухопловно моделарство.

-Ланското искуство со организирањето на Светското првенство потврди дека сме одлични организатори. Првенствените натпревари учесниците ги одржуваа на спортскиот аеродром кај Прилеп кој има идеални услови и е еден од најдобрите на Балканот. Задоволни сме зашто се протече во најдобар ред. Учесниците се натпреваруваат во три категории Ф-1-А, Ф-1-Б и Ф-1-П. На ова првенство се покажа максимално присуство на наука, нови технологии, електроника, многу високи психо-физички карактеристики на спортистите што укажува дека во овој спорт секоја година се покажуваатсе поголеми врвни резултати, изјави Тодороски.

Претседателот на меѓународното жири, Јоже Чуден од Словенија нагласи дека ова е силен шампионат, а теренот е еден од најдобрите.

-Имавме три категории на летала. Едните се слободно летачки модели, едрилици, кои се влечат со конец, другата класа се модели со погон на гума, а третата се оние со мотор на гориво. Тука се присутни држави кои се лидери во овој спорт, како што се Русија, Украина, Израел, Полска, Романија и други. Ова е најсилен шампионат во Европа кој се организира за оваа сеозна во 2017 година. Овој терен е еден од најдобрите терени кои ги имам видено, се е чисто, нема никакви препреки, а тоа е многу значајно за праќањето и за враќањето на моделите, рече Јоже Чуден.

За менаџерот на македонската репрезентација Трајко Базерко сега е моментот на смена на генерациите во репрезентацијата.

-Имаме смена на генерациите, но тука се големите таленти кои постојано учат. Меѓу нив се нашите идни пилоти, вели Базерко.

Според учесниците, на првенството стекнаа големи искуства. Давид Липски од Полска вели дека сака да биде светски сениорски првак.

– Ова е креативно хоби. Татко ми ме научи да правам летала. Желба ми е да бидам светски сениорски првак и да станам инженер по аеронаутика, вели Липски.

Игор Босниевич од Русија на првенството ги зацврстил пријателствата и има одлични впечатоци.

– Имам 16 години. Моделарството го сакам зашто е одличен спорт со многу техника. Посебно задоволство е кога се управува со леталото и се вивнува во небото, вели Босниевич.

Тодороски најави дека и следното Европско првенство по две години ќе се одржи во Прилеп.

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.