Црвенковски: Недобивањето датум би го нарушило кредибилитетот на ЕУ и на македонската влада

Европскиот совет да го вреднува успехот на Северна Македонија и да го одреди датумот за почеток на преговори, порача претседателот Пендаровски на регионалната конференција на Подгоричкиот клуб што денеска се одржа во Скопје. Тоа, според него, ќе ја мотивира власта да ги спроведе реформите, но истовремено ќе биде тест и за кредибилитетот на Европската Унија.

Европскиот совет да го вреднува успехот на Северна Македонија и да го одреди датумот за почеток на преговори, порача претседателот Пендаровски на регионалната конференција на Подгоричкиот клуб што денеска се одржа во Скопје. Тоа, според него, ќе ја мотивира власта да ги спроведе реформите, но истовремено ќе биде тест и за кредибилитетот на Европската Унија.

„Очекувам неодложно да го одредат датумот за да ги започнеме преговорите за членство. Тоа е добитна комбинација за сите засегнати страни. Северна Македонија, нејзините граѓани и институции добиваат силен мотив и фокусираност за реформи, регионот на Западен Балкан добива силен охрабрувачки сигнал за европската перспектива, а Европската Унија ќе го потврди кредибилитетот во однос на нејзината најуспешна политика, а тоа е проширувањето“, рече претседателот Пендаровски.

Домаќин на региналната конференција беше поранешниот претседател на Македонија, Бранко Црвенковски. По подолго отсуство од јавни настапи, тој избегнуваше да го користи новото уставно име. Црвенковски потсети дека отстапката со уставното име била болна и драматична сè со единствена цел, да се одблокира пристапот кон Унијата.

„Недобивањето на датум за почеток на преговори во јуни, или јули нека биде сеедно, ќе предизвика, големо разочарување и тоа сакам отворено да го соопштам сериозно нарушување на кредибилитетот на Европската Унија и на македонската влада во очите на македонскиот народ и на сите граѓани на нашата земја“, рече Бранко Црвенковски – поранешен претседал на Македонија.

На конференцијата во чиј фокус беше проширувањето на ЕУ учествуваа поранешни лидери на сите земји од регионот. Едногласни беа пораките дека земјава заедно со Албанија заслужува датум за отпочнување на преговори. Поранешната хрватска премиерка Јадранка Косор кажа дека пристапувањето не е лесно, но на земјава треба да ù се даде шанса. Поранешниот претседател на Црна Гора, пак, Филип Вујановиќ предупреди и за опасностите, ако ЕУ не остане доследна на политиката за проширување.

„Европската Унија крајно да ги интензивира пристапните преговори и да го валоризира она што самата го смета за своја обврска – признание по заслуга на индивидуално пристапување кон ЕУ… Опасноста е трети земји кои имаат изразени мотиви на интерес на нашите простори да имаат отворена можност за делување, ретроградните, антиевропските сили ќе добијат охрабрување“, рече Филип Вујановиќ – поранешен претседател на Црна Гора.

Учесниците на конференцијата усвоија заедничка декларација со која ја повикуваат Европската Унија да ги поддржи напорите на земјите-аспиранти од Западен Балкан. Документот ќе биде испратен до највисоките институции на Унијата.


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.