(Фото галерија) Рајска оаза на мирот и тишината со поглед кон Пелагонија: Светилиште каде се одмараат духот и телото

Манастирскиот комплекс Св. Спас е рајска оаза која се наоѓа пред Крушево, на само неколку километри после Кривогаштани. Манастирот се наоѓа од левата страна, сместен во густата шума, а до него се пристигнува по тесен асфалтен пат.

Манастирскиот комплекс Св. Спас е изграден во втората половина на деветнаесеттиот век. Денеска ова светилиште е едно од најпосетуваните во овој дел од државата, а има и зошто.

Прекрасната и живописна природа, кристално чистиот воздух, а особено мирот и тишината е тоа што ги мами верниците постојано да навратуваат и да го посетуваат.

Во дворот на манастирот, до самата црква има и стар конак со сини врати и прозорци, кои се карактеристични и за крушевските куќи од тој период.

Конакот на манастирот има голем број на соби, каде гостите имаат можност и да ноќеваат. Во поново време, изграден е уште еден нов конак на другата страна од црквата.

Манастирот Св. Спас се наоѓа на 900 метри надморска височина, што само го збогатува прекрасниот поглед кон Пелагонија.

Во дворот на манастирот, има изградено и чешма каде тече природна ладна вода која може и да се пие.

Накратко, доколку сакате да ги одморите и телото и духот, дефинитивно нема да згрешите ако го посетите овој манастир!


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.