Фотографија која ја доловува целата древност, мистичност и светост на манастирот Трескавец над Прилеп

На Фејсбук страната посветена на манастирот Успение на Пресвета Богородица – Трескевец, древното светилиште кое го заштитува Прилеп и прилепчани, објавена е фотографија од камбанаријата на манастирот.

За нас оваа фотографија ја отсликува целата древност, светост и историска вредност на светилиштето кое живот значи за градот под Марковите кули.

Погледнете ја оваа убавина:

Инаку, комплексот на манастирот го сочинуваат црквата Успение на Пресвета Богородица, опожарените манастирски конаци, кои се прикрај со нивната изградба, трпезарија со магерницата, магерничкиот конак и влезната порта со кула – камбанарија.

Како донатори на манастирот се споменуваат византиските императори Андроник II и Михајло IX, а подоцна во 16 век српскиот крал Милутин, царот Душан и неговиот син Урош.

Трескавец е културно историски споменик заштитен со закон. Тој е на списокот за заштита меѓу стотте најзагрозени културно-историски споменици во светот.

Првиот христијански храм кај Трескавец датирал од VI век, а во XIV век манастирот бил на удар на разурнувачи. За неполни 100 години бил обновен и му била вратена автентичноста со нови религиски орнаменти, специфични за тој период. Но духовното светилиште Трескавец било погодено и од огнена стихија во 19 век и во 90 години на минатиот век, како и во 2013 година кога изгореа конаците.

Денешната црква е еднокорабна градба со тристрана апсида на источната страна. Страничните ѕидови се расчленети со по два пиластри кои преку лаци го прифаќаат централното кубе. На западната страна е наосот.

Живописот на црквата, кој се планира следната година да се конзервира и заштити, датира од повеќе временски периоди. Најстари се фреските во егзонартексот и двата компартименти со илустрација на календарот.

Манастирот поседува и други уметнички предмети како што се двокрилна врата работена во плитка резба, крстот Космитис од 16 век работен во резба и певница изработен во инкрустација. Богатиот ентериер на црквата го надополнуваа празничните икони, иконите со претстави на апостолите и други икони кои потекнуваат од 17, 18 и 19 век.

Манастирот со години не бил само монашко седиште, туку и книжевно средиште каде што монасите правеле ракописи со широко распространета препишувачка дејност. Во него имало и библиотека, но за жал сега нема останато ништо од тоа богато наследство.

За убавините на Трескавец репортажа пред години направи и британската телевизија BBC, а на овој предел се снимаа и повеќето македонски играни филмови.


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.