Сервилната и предавничката политика на власта ја доведе Република Македонија и македонскиот народ пред тешки моменти, пред бришење, рече на денешниот протест во Прилеп, Дејан Проданоски претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.
“Малку им беше продажбата на државното име со Грција, па сега тргува со најсветото, особено за нас прилепчани, а тоа се нашите борци од Народноослободителната борба.
Се тргува со илјадници знајни и незнајни херои кои својот живот го положиле во борбата против бугарскиот фашистички окупатор и придонесле за слободата на Македонија.
Еве денеска прашувам од тука, каква е таа администрација која брутално и крвнички погубила 18 мина во масакрот кај Дабница?
Од кого биле убиени народните херои Орде Чопела, Кире Гаврилоски, Борка Талески, Мирче Ацев, Кузман Јосифоски Питу, Вера Ацева, Борка Левата… и 650 жртви колку што дал Прилеп во НОБ?
Дали според нив загинале залудно борејќи се за своја држава?
За жал за власта ништо не е свето, таа гази и врз последната гордост на својот народ.
Затоа заедно, сплотени, да им кажеме доста е! Доста е со распродажбата на нашиот идентитет, јазик, култура, традиција.
Како политичка партија која својата идеологија ја темели врз вековната борба за слобода, нема да дозволиме Прилеп да биде понижен. Прилеп е ГРАД ХЕРОЈ и како таков ќе остане бранител на светите идеали за свои на своето.
Го повикуваме секој добронамерник да не’ поддржи. Сега не е време за партиски препукувања и поделби, сега е време да се избориме заедно оваа власт да падне”.