Театарот „Војдан Чернодрински“ со претставата „Црнила“ од Коле Чашуле, во режија на Дејан Пројковски, гостува на 34-то издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков, што се одржува во Струмица. Изведбата е на 13 септември / недела/ од 19.30 часот, на завршницата на годинашното фестивалско издание, на кое се доделува награда за најдобар актер.
Струмичката публика ќе има можност да ја проследи претставата што носи силна симболика. „Црнила“ од Коле Чашуле е дело што не старее и Чашуле е писател кој го создаде современиот македонски драмски јазик. Претставата е актерска и режисерка исповед, и како што вели режисерот Дејан Пројковски, отвора дијалог за тоа дека мора во одредени моменти да имаме заеднички ставови, а црнилата се секогаш во македонската историја како резултат на поделбите.
Драматург е Лидија М. Ѓорѓиевска, сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Марија Папучевска, музиката на Горан Трајкоски, а автор на дизајнот на плакатот е Сергеј Светозарев.
Во претставата играат Сара Спиркоска, Бобан Алексоски, Марија Спиркоска Илијеска, Александар Степанулески, Александар Тодески, Димитар Ѓорѓиевски, Михајло Миленкоски, Илија Волчески и децата Иво Ачански, Ангелина Тодеска, Давид Кочоски, Ива Малинческа.

























