Прилеп вечерва во знакот на младите: Дебата, идеи, музика и дружење кај Саат кулата

Локалниот младински совет на Општина Прилеп, во соработка со Europe House Bitola, вечерва организира настан посветен на младите, нивните идеи, ставови и активно учество во креирањето на младинските политики.

Настанот ќе се одржи вечерва кај Саат кулата, со почеток во 19:00 часот, а е организиран во пресрет на Светскиот ден на младите, кој се одбележува на 12 август.

Програмата е поделена на два дела – формален и неформален, со цел да се создаде простор за отворена дискусија, но и дружење и забава.

Во првиот дел, од 19:00 часот, ќе се одржи панел-дискусија и претставување на членовите на Локалниот младински совет. Предвиден е и отворен микрофон, преку кој младите ќе можат директно да се вклучат во разговорот, да споделат свое мислење, идеја, прашање или лична приказна.

Од 20:30 часот, настанот продолжува во неформална атмосфера со DJ сет на Emily Nas, а младите ќе имаат можност да се дружат и да учествуваат во различни интерактивни активности, меѓу кои пинг-понг, photo scavenger hunt и други забавни содржини.

Организаторите упатуваат покана до младите прилепчани да бидат дел од настанот и заеднички да го одбележат Светскиот ден на младите, но и да покажат дека нивниот глас, идеите и активното учество се важен дел од развојот на локалната заедница.

Настанот е замислен како можност младите да се запознаат, да разменат идеи и искуства, но и отворено да разговараат за прашањата и предизвиците што ги засегаат.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.