Жителите на Подвис, Кореница и Годивле и понатаму се соочуваат со прекини и нередовно водоснабдување, а Општина Кривогаштани и ЈП „Пелагонија“ продолжуваат со активности за утврдување на причината за недоволното количество вода во системот.
Градоначалникот на Општина Кривогаштани, Игор Каравилоски, заедно со екипа на ЈП „Пелагонија“ извршил увид по трасата на водоводниот систем на територијата на општината, до резервоарот над населеното место Локвени.
При увидот повторно било констатирано дека резервоарот кај Локвени е празен и дека во него пристигнува многу мала количина вода. Поради недоволниот доток, не може да се обезбеди потребното количество вода за полнење на резервоарите и редовно снабдување на домаќинствата во трите населени места.
Подвис, Кореница и Годивле се снабдуваат преку системот „Студенчица“. Главниот цевковод минува низ територијата на Општина Долнени и ја доведува водата до резервоарот над Локвени. Оттаму водата се насочува кон Подвис, додека за снабдување на Годивле и Кореница потребно е најпрво да се наполни и резервоарот над Годивле.
Од Општина Кривогаштани информираат дека изминатиот период се одржува постојана комуникација со надлежните служби во ЈП „Студенчица“, Општина Долнени и ЈП „Долнени“, со цел да се утврди причината за намалениот доток и да се воспостави редовно водоснабдување.
Според досегашните сознанија, проблемот се појавува во дотокот низ главниот цевковод до резервоарот кај Локвени, на делот што минува низ територијата на Општина Долнени. Сепак, како што посочува градоначалникот Каравилоски, точната техничка причина сè уште не е утврдена и потребна е заедничка стручна контрола на цевководот и целиот систем од страна на надлежните претпријатија.
Засега не се исклучува можноста да станува збор за дефект, загуба на вода, проблем со вентилите или недоволна количина вода пуштена во системот.
„Како градоначалник, продолжувам лично да ја следам состојбата и да барам координирано и итно постапување од сите надлежни институции“, наведува Каравилоски, додавајќи дека Општина Кривогаштани и ЈП „Пелагонија“ ќе ги преземат сите активности што се во нивна надлежност.
Јавноста, како што најавува општината, навремено ќе биде информирана за утврдените причини за проблемот и за понатамошните чекори за нормализирање на водоснабдувањето во Подвис, Кореница и Годивле.
























