Превенцијата започнува пред појавата на симптомите – На Светскиот ден на мозочниот удар, превентивни прегледи во прилепската болница

По повод 29 Октомври – Светскиот ден на мозочниот удар, во Прилеп беше реализирана превентивна здравствена акција со цел подигнување на свеста за ризиците од мозочен удар, важноста на редовните прегледи и навременото откривање на промените во крвните садови.

Во рамките на акцијата биле извршени вкупно 38 превентивни прегледи, кои опфатиле мерење на крвен притисок, проверка на нивото на шеќер во крвта и доплер-ултрасонографија на вратните крвни садови.

Резултатите покажале дека кај 14 од прегледаните лица, односно кај околу 37 проценти, биле регистрирани атеросклеротични промени (плаки) на вратните крвни садови. Особено значајно е што сите 38 лица биле без присутни симптоми во моментот на прегледот.

Од лицата кај кои биле откриени промени, 11 претходно имале дијагностицирани хронични заболувања како хипертензија, дијабетес и зголемени маснотии во крвта, додека кај три лица немало претходно утврдени хронични заболувања.

Овие резултати уште еднаш ја потврдуваат важноста на превентивните прегледи, бидејќи ризикот од мозочен удар може да постои и кај лица кои немаат никакви видливи симптоми. Навременото откривање на промените овозможува следење на состојбата, контрола на ризик-факторите и преземање соодветни мерки за намалување на опасноста.

Мозочниот удар е една од водечките причини за смртност и инвалидитет во светот, а препознавањето на првите симптоми може да биде пресудно за спасување човечки живот. Слабост или одземеност на едната страна од телото, искривување на лицето и отежнат или неразбирлив говор се предупредувачки знаци поради кои веднаш треба да се побара итна медицинска помош.

Превенцијата започнува пред појавата на симптомите. Редовните контроли, здравите навики и навремената реакција можат да спасат живот!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.