Во рамките на Европската недела на мобилност, која годинава се одбележува под мотото „Мобилност за сите“, во Прилеп денеска беше одбележан 22 Септември – Денот без автомобили.
Активноста ја реализираше Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (ОСБСП) – Прилеп, во соработка со „Авто Контрол“ – Прилеп, учениците од сообраќајната струка при СОУ „Ристе Ристески – Ричко“ и униформирани полициски службеници.
Во рамките на активноста, на граѓаните им беа поделени едукативни флаери преку кои се упати порака за значењето на одржливата мобилност и потребата од почесто користење на алтернативни начини на транспорт.
Посебен акцент беше ставен на пешачењето и велосипедизмот, особено за секојдневното движење до работното место, но и на користењето јавен превоз како начин за намалување на сообраќајниот метеж и загадувањето.
Од ОСБСП – Прилеп посочуваат дека Денот без автомобили е можност да се потсетиме оти секојдневните избори на граѓаните имаат значење за квалитетот на животот во градот.
Помалку автомобили на улиците значи помал сообраќаен метеж и помало загадување, а истовремено пешачењето и возењето велосипед придонесуваат за поздрави животни навики и поголема физичка активност.
Активноста беше и можност за промовирање на поголема сообраќајна култура и меѓусебно почитување на сите учесници во сообраќајот – пешаците, велосипедистите, возачите и корисниците на јавниот превоз.
ОСБСП – Прилеп упати благодарност до сите граѓани кои се вклучија во одбележувањето на Денот без автомобили и дадоа свој придонес кон промовирањето на одржливата мобилност.
Пораката „Одлуката почнува од нас“ не треба да важи само еден ден во годината. Секојдневниот избор како ќе се движиме низ градот е мал, но важен чекор кон почист Прилеп, побезбедни улици и поквалитетна животна средина.
ОДЛУКАТА ПОЧНУВА ОД НАС – СЕКОЈ ЧЕКОР Е ВАЖЕН!








































