Полицијата предупредува: Не објавувајте на социјалните мрежи дека не сте дома

Тетовската полиција инфомира дека започна со имплементација на нов превентивен проект „Превенција од тешки кражби“ чиј носител и координатор на активностите е Отсекот за превенција. Во рамките на проектот планирани се вкупно 27 средби со граѓани во урбани, месни заедници и куќни совети, кои ќе бидат оргнизирани во Тетово, Гостивар, Пирок, Чегране, Врапчиште, Челопек, Неготино, Дебреше и во други места на подрачјето.

-Граѓаните поблиску ќе се запознаат со формите и начините за најефикасна заштита од вакви кражби. Одлуката средбите да бидат во екот на сезоната на летни одмори е поради тоа што голем број граѓани подолго време отсуствуваат од куќите и становите или ги оставаат своите возила во дворовите. На граѓаните, посебно ќе им се обрне внимание да не постираат информации и фотографии на социјалните мрежи дека моментно не се дома, туку дека се наоѓаат во некој туристички центар, задолжително да ги заклучуваат вратите, да ги затвораат прозорците и квалитетно да ги обезбедат објектите со наменска алармна или друг вид опрема, изјави Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Покрај средбите и апелите по медиумите, предвидено е зајакнување на полициските патроли во вечерните часови, кога и најчесто се извршуваат ваквите кражби, најмногу во куќи и станови.


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.