Меѓународниот ден на младите: „Патот до целта“– МКЦ-Битола со работилница и дружење

На 12 август се одбележува Меѓународниот ден на младите, посветен на младите, нивните права, потреби, предизвици и можности, како и на нивната важна улога во создавањето на поинклузивни и одржливи општества.

Темата на Меѓународниот ден на младите за 2026 година е „Different Contexts, Common Aspirations“ („Различни контексти, заеднички аспирации“). Таа ја истакнува пораката дека, иако младите живеат во различни услови и се соочуваат со различни предизвици, нивните аспирации често се исти – да имаат можности за образование, достоинствена работа, личен развој, активно учество во заедницата и подобра иднина.

Младински културен центар – Битола (МКЦ-Битола), како организација која континуирано работи со и за младите, го одбележува овој ден преку активност посветена на младите, нивните цели и нивната визија за иднината.

Во соработка со Свесност ‒ центар за психотерапија, денес, среда 12 август 2026 година, МКЦ-Битола на летната сцена во својот простор на ул. Цар Самоил 29 Битола, во 19:30 часот организира интерактивна работилница за млади со наслов „Патот до целта“. Низ интерактивно искуство и лично истражување ќе се даде можност на младите да создадат простор за подобро разбирање на себеси и начинот на кој тие ги поставуваат и остваруваат своите цели. Работилницата не е класично предавање, туку простор за размислување, размена на идеи, запознавање и позитивна енергија.

По работилницата, од 21:00 часот, програмата продолжува со неформално дружење и музика со DJ Chiko.

Со ова одбележување, МКЦ-Битола сака да испрати порака дека секој млад човек има свој пат, но сите млади имаат право на можности, поддршка и простор да ја креираат својата иднина.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.