Институтот за јавно здравје и Центарот за јавно здравје од Скопје прогласија епидемија на западнонилска треска на подрачјето на следните делови од Скопје: Кисела Вода кај Пржино, Аеродром, Бутел, Гази Баба, Илинден, Драчево, Идризово, Јурумлери и Трубарево.
Според здравствените власти, од почетокот на годината има 24 потврдени пациенти заболени од западнонилска треска, а двајца се суспектни.
Дваесет се хоспитализирани на Инфективната клиника од кои пет се во тешка состојба и на механичка вентилација. Најголем дел од заболените се повозрасни мажи над 60 години, кои претежно работеле земјоделско градинарски работи во приквечерните и раноутринските часови.
Викендов починал 83 годишен пациент со западнонилска треска, кој имал повеќе коморбидитети.
Официјалните податоци покажуваат дека во последните 15 години во Македонија се евидентирани вкупно пет смртни случаи поврзани со вирусот на западнонилска треска.
























