Манастирскиот комплекс Св. Пантелејмон во село Полчиште денеска широко ги отвори портите за верниците

1

По повод големиот христијански празник и заштитник на болните Св. Пантелејмон, денеска манастирот во село Полчиште мариовско, или Полчисшиот манастирски комплекс, широко ги отвори портите за верниците.

На висока надморска површина од 1344 метри, во недопрената природа и зеленило на мариовскиот регион, ова е уште едно светилиште, кое и покрај не толку пристапниот пат е посетено од стотици верници за време на манастирските слави.

Манастирот се наоѓа југозападно од селото, оддалечен околу 1,5 километар во местото односно на самиот врв на гребенот (ридот) Скрка во Мариово. Местоположбата на манастирот е специфична. Изграден е на врвот Панделе на надморска височина од 1344 метри. Св. Вмч. Пантелејмон во Мариово се нарекува со името Панделе, па затоа и местото на кое се наоѓа манастирот го добило името Панделе. До верскиот дом се стигнува по стрмен кривулест пат, каде доминира врвот, што овозможува глетка на цело Мариово како на дланка. Според усните преданија кај народот од овој крај, многупати се вели дека “Панделе е на високо и гледа сé”.

13977952_10207140207039768_993317116_o

13931463_10207140206519755_1601607180_o

Манастирот првпат бил изграден околу 1830 година од Коле Папаров, за кого други податоци не се познати и не се сочувани. Манастирот бил изграден од дрвена граѓа. Така останал до изградбата на црквата од тврда градба. Околу 1938 година, на Тодија Рошков му се претскажало да изгради црква на истото место, од тврда градба. Црквата била изградена под негово раководење со сесрдна помош од луѓето на околните села, претежно од Полчиште. Храмот бил изграден на нова локација да не се урни веќе постојната црква, иако била од дрвена граѓа, и поради новата локација утврдена на гребен од кој може да се гледа од сите страни. Новоизградената црква била поголема, сепак со скромни димензии и архитектура.

13978022_10207140206599757_120198487_o

13978152_10207140206559756_1923350086_o

Покрај славата на денот посветен на Св. Вмч. Пантелејмон, 9 август, се слави и денот на осветувањето на црквата 11 октомври и денот посветен на Св. Вмч. Георгиј, Ѓурѓовден на 6 мај.

Во манастирскиот двор се наоѓа и истоимениот археолошки локалитет (Свети Пантеле), кој претставува кастел од раноантичко време.

Сите добронамерници во текот на денешниот ден се поканети, на молитва и оброк.

За многу години!

 


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.