Државна статистика пресмета: Просечната нето-плата во септември 49.141 денар

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во септември годинава изнесувала 49.141 денар и бележи зголемување од 8,1 проценти во споредба со истиот месец лани, соопшти Државниот завод за статистика.

Зголемувањето на просечната нето-плата, како што наведуваат од ДЗС, пред сè се должи на повисоките исплатени плати во секторот Снабдување со вода, отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината, каде што е забележан раст од 11,6 проценти.

Раст на платите е регистриран и во секторот Административни и помошни услужни дејности за 10,6 проценти, како и во Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли за 10 проценти.

Во споредба со претходниот месец, август, зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата е забележано во секторите Рударство и вадење камен за 6 проценти, Преработувачка индустрија за 3 проценти и Јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување за 2,5 проценти.

Просечната бруто-плата по вработен, пак, во септември изнесувала 73.940 денари.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.