Древниот македонски манастир Св. Богородица Елеуса во Вељуса е чувар на христијанството од десетти век и светилиште од каде потекнува македонскиот крст (ФОТО ГАЛЕРИЈА)

Манастирот „Св. Богородица Елеуса“ се наоѓа во селото Велјуса на околу 7 км. западно од Струмица и е подигнат на бигореста карпа. Манастирот е основан во 1080 година од сопствени средства на монахот Мануил, кој подоцна станал струмички епископ.

Изграден над живописното село, манастирот зрачи со посебна убавина, блескавост и непроценлива светост.

Според изворно богатата историска документација зачувана за овој манастир (присутни во Светогорскиот манастир Ивирон) оваа црква го зазема едно од најзначајните места во црковната и културната историја на Македонија.

Според сочуваните записи на двата архитрава кои биле однесени од бугарските власти за време на Првата Светска војна во Софискиот археолошки музеј, црквата ја подигнал на северните падини на планината Еленица на бигореста карпа монахот, а подоцна струмички епископ Мануил во 1080 година кој дошол од Халкедонскиот манастир Св. Авксентиј од малоазијската област Витинија во Вељуса. Од споменатите извори дознаваме дека манастирот Св. Богородица Милостива (Елеуса) бил изграден над некогашното село Палеокастро во Темата Струмица по кој и селото го добило денешното име.

Манастирот се споменува и во Грамотите на византискиот император Алексиј I Комнин 1085 година, во една од годините на 1091 или 1094 година оваа манастирка црква била лично посетена од византискиот император Алексиј I Комнин, кој за нејзините убавини изразил силен восхит во пишаните извори. Се споменува во Типикот за манастирот составен од основачот Мануил меѓу 1085-1100 година, неколку документи од византискиот император Мануил I Комнин со Практикот од 1152 година и две Грамоти од Српскиот цар Стефан Душан од 1346 година дадени на Иверонскиот манастир.

Живописувањето на црквата е изведено во три временски периоди и тоа: во олтарот, подкуполниот простор во наосот и ѕидовите, конхите, и капелата, 1085 год. во тремот од 1164 год. и во наосот од 19 век, со доста локални сликарски призвуци.

Фреско – ансамблот во црквата е со иконографски симболични содржини и претстави преземени од Стариот и Новиот завет: Литургиска служба на светите Архиереи со Хетимазијата (Христово жртвување) и Богородица со Исус Христос седната на трон во олтарниот простор. Во централниот куполен простор е насликан Исус Христос Вседржител, додека под него на ѕидовите од тамбурот се претставите: Пресвета Богородица Ширшаја, Св. Јован Крстител, двајца архангели, четворица пророци (езекиј, Авакум, Еремија и Давид). Во северната конха е Слегнувањето на Исус Христос во пеколот и Сретение Господне е во јужната конха. Во јужната капела Св. Спас во куполниот простор претставен е Исус Христос Емануил, на источниот ѕид Исус Христос во слава и портретот на Свети Пантелејмон на западниот ѕид.

На јужната фасада под тремот е композицијата Свети Онуфриј во пустина посетен од монахот Св. Панфнутиј и стилизиран вегитабилен мотив. Во стилско – ликовен поглед оваа сцена и мотивот се блиски на фреските во Нерези насликани во 1164 година.

Во наосот на црквата зачувана е и олтарната преграда, изведена во мермер со стилизирани растителни и геометриски мотиви изведени во плиток релјеф. Во подниот мозаик застапени се геометриски мотиви и ги пратат основите на конхите во централниот дел од наосот, натрексот и јужната капела. Изградбата на Вељушкиот храм е карактеристична и по многу претенциозните желби на основачот: не со димензиите, туку пред се со ликовните вредности и раскошната ризница од скапоцени уметнички творби да ги надмине сите постојни уметнички остварувања на црквите во струмичката средина.

На еден од ѕидовите на црквата има претстава од македонскиот крст или наречен Вељушки крст. Овој крст претставува варијација на христијанскиот крст, воглавно поврзан со Македонија и е симбол на Македонската православна црква. Овој симбол всушност е раскошна двочленска плетеница со претстава на орнаментиран украс во форма на крст. Бидејќи крстот е симбол на МПЦ-ОА, тој е претставен и на црковниот грб, односно на бордурата на плашт, која е исполнета исполнета со 33 претстави на овој крст. Овој крст е и главен симбол на Столната медаља на Светиот македонски крст.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.