Православните верници денеска го одбележуваат празникот Покров на Пресвета Богородица како спомен на случката кога Богородица се јави меѓу народот собран за молитва, за време на богослужба.
Настанот што го слави Црквата во недела, се случил на 1 октомври 911 година, на едно бдение во Богородичната влахернска црква во Цариград.
Црквата била полна со народ. Меѓу народот бил и свети Андреј Јуродивиот со својот ученик Епифаниј. Во четири часот ноќта над народот се појавила Пресвета Богородица со распослан омофор со кој го покривала целиот народ. Била облечена во порфира и блескала со неискажлив сјај, опколена од апостолите и светителите.
Гледајќи го јавувањето, свети Андреј му рекол на Епифаниј: “Ја гледаш ли, брате, царицата и господарката над се, како се моли за целиот свет?”
Во чест на тоа јавување и се востанови овој празник. Но, овој празник е само потврда или симбол на славењето на Пресвета Богородица, како заштитничка на целиот православен народ, бидејќи нејзиното заштитништво се покажало многупати и пред овој настан. Тој е потврда, пред се, за нејзиното молитвено застапништво за нас луѓето пред престолот на Троичниот Бог.
Инаку, празникот е познат под името Покров, Богородични покров и Женски празник.
Го слават жените за полесно да раѓаат и одгледуваат деца. Тие кои немаат деца на овој ден се молат да добијат.