Вљубеник во природата од Прилеп ги прави најнародските репортажи за природните и културни македонски убавини (Видео)

Чичко Стеван Јованоски од Прилеп е еден од најголемите вљубеници во природата и македонските села. Речиси да нема ден, а да не е појден до некој манастир, езерце, планина, село…

Своите прошетки реводно ги проследува со видео репортажи и носталгични раскажувања за животот, во за жал денеска напуштените села.

Негов чест придружник е внукот Јаков, кој од мали нозе ужива во природните убавини и со сигурност ќе ја наследи оваа љубов кога ќе порасне.

Последната нивна прошетка била до мариовското село Манастир, кое од Прилеп е оддалечено околу 40 километри.

До самото село Манастир води нов и доброодржан асфалтен пат кој се одвојува како крак во должина од 4 километри од регионалниот пат Прилеп – Витолиште кој е главната сообраќајница на прилепскиот дел на Мариово.

Погледнете како чичко Стеван раскажува за селото, животот во минатото и прекрасниот манастир Св. Никола.

Инаку манастирот Св. Никола во Манастир е светилиште кое потекнува од најраниот византиски период. Претставува значаен споменик на културата, кој изобилува со извонредни фрески, древна архитектура и духовност која одзема здив.

Манастирот датира од 11 век, или поточно од 1095 година. Притоа многу пати бил рушен и возобновуван, па така од написот на еден од црковните кораби се дознава дека сегашната црква е подигната во 1266 година.

Овој мал духовен рај е вистинска реткост во овие краеви, не само по долгата историја, туку и по мирот, тишината, раскошната природна убавина и жуборот на Црна Река, која го надополнува целиот живопис на единствено со Божја рака допрениот предел.






Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.