Во Прилеп се одржа обука за македонисти насловена како „Попреченоста е прашање на перцепција“

Во саботата на 23.3.2019 во простоиите на ООУ „Климент Охридски“ – Прилеп се одржа обука „Попреченоста е прашање на перцепција“. Оваа обука е дел од серијата обуки и работилници од страна на Асоцијацијата „Ластовица“ во рамките на проектот „И ние сме тука“.

Имено проектот „И ние сме тука“ е дел од кампањата „Попреченоста е прашање на перцепција“ – реализирана од Институтот за медиуми и различности (МДИ) во партнерство со Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Националниот совет на инвалидски организации на Македонија (НСИОМ).

На обуката се согледаа потешкотиите со кои се соочуваат наставниците по македонски јазик при реализација на наставните програми во паралелки каде што има инклузирани ученици.

Самите наставници беа охрабрени и поттикнати со идеи и насоки како да се соочуваат со предизвиците во училница, но истовремено беа сензибилизирани за правото на тие ученици да се дел од наставниот процес и силната потреба да бидат поддржани во процесот на социјализација во рамките на редовната паралелка.

Наставниците имаа можност да адаптираат наставни содржини според претходно дадени случаи на ученици со потешкотии или со посебни образовни потреби. Им беа споделени линкови до интернет страници каде што можат да најдат повеќе информации и добија материјали (брошури) подготвени од дефектологот Светлана Миоковиќ – Томеска, во кои имаа детални информации кои ќе им го олеснат наставниот процес.


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.