Вечерва стартува 54-то издание на Македонскиот театарски фестивал “Војдан Чернодрински” во Прилеп

Вечерва во Центарот за култура „Марко Цепенков“, ќе биде отворен 54.Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Годинешниот Фестивал ќе понуди неколку новитети, а најзначајните секако се воведувањето на таканаречните „тркалезни маси“ и гласањето на публиката.

Уметничкиот директор и селектор на МТФ „Војдан Чернодрински“, Катерина Коцевска истакнува дека разговорите на „тркалезната маса“ ќе се случуваат веднаш после завршувањето на претставите во официјална конкуренција, освен првата вечер, кога заради отворањето на Фестивалот и концертот на Влатко Стефаноски, тие ќе се одржат следниот ден во 11 часот.

„Другата новина е што воведуваме гласање на публиката, што секако претставува предизвик. Веднаш после секоја претстава, заедно со претставникот на театарот чија престава се играла, ќе бидат изброени гласовите и веднаш после секој разговор на ‘тркалезна маса’, на принцип на проценти, ќе биде соопштен бројот на освоени гласови. На денот на доделувањето на наградите, на 15 јуни ќе биде доделена и наградата на публиката, која ќе ја додели градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски“, изјави Коцевска.

Годинешното издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ ќе трае од денеска, 7 јуни до 15 јуни, односно еден ден повеќе од минатогодишното издание. Во официјална конкуренција ќе се најдат 8 претстави, а Министерството за култура одвоило 4 милиони денари, што е повеќе од досега. Тоа, како што истакнува уметничката директорка Коцевска, ќе овозможи зголемување на наградите како за животно дело, така и на останатите поединечни награди.

Наградите за животно дело годинава им припаднаа на режисерот Владимир Милчин и актерот Бајруш Мјаку. Фестивалот ќе биде отворен со претставата на Македонскиот народен театар – Скопје, „Макбет“, во режија на Нела Витошевиќ, на што ќе му претходи концертот на Влатко Стефаноски.

Стручното фестивалско жири го сочинуваат Маја Вељковиќ Пановска, актер во Драмски театар од Скопје, Љиљана Богојевиќ, првенка на Хрватскиот национален театар од Вараждин и Бедиа Беговска, актер зад кој стојат стотина театарски, филмски и улоги во ТВ серии.

54 МТФ „Војдан Чернодрински“ се одржува под мотото „Ова е наше време! Време за театар“.


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.