Вечерва во Офицерскиот дом во Битола се одржа настан „Розов пулс за Битола“ со цел подигнување на свеста за значењето на навремената превенција и раното откривање на ракот на дојка, преку позитивен, интерактивен и охрабрувачки пристап, а во организација на Советот за социјална заштита и Советот за женско претприемништво на Општина Битола.
Настанот ги обедини граѓаните, здравствените работници, психолозите, здруженијата и локалната заедница во заедничка порака за грижа, поддршка и солидарност со жените што се соочуваат со болеста.
Битола вечерва има заеднички пулс. Пулс на грижа, поддршка, надеж и живот. Пред присутните свое обраќање имаше градоначалникот на Битола Тони Коњановски.
„Ви благодарам за можноста да се обратам на овој важен настан и да ја искажам личната и благодарноста од име на Општина Битола што на еден ваков начин зборуваме за важноста на превенцијата, но не и за стравот, туку за животот, женската сила, надежта и заедништвото, потсетувајќи се дека грижата за сопственото здравје е чин на љубов кон себе. Советот за социјална заштита и Советот за женско претприемништво и ние воопшто како локална самоуправа ја даваме безрезервната поддршка на ваквите настани“, истакна градоначалникот Коњановски.




























