Проектот „Педали и приказни“ ја носи културата поблиску до граѓаните – Денеска низа активности во Прилеп

Форум за Авангардна Креативност – Прилеп (ФАК) и NGO Go Green работат на реализирање на проектот „Педали и приказни“ помогнати од фондацијата HEARTEFACT, во соработка со Општина Прилеп, НУЦК Марко Цепенков, СОУ “Ристе Ристески – Ричко”, СОУ “Ѓорче Петров” и CLS Equipment.

Во Прилеп – како и во многу други помали градови во Македонија – јавниот простор останува недоволно искористен како место за култура, слободен израз и граѓанска поврзаност.

Културните настани главно се одвиваат во затворени, институционализирани формати, што исклучува многу граѓани, особено млади луѓе, надвор од системот и ги прави маргинализирани групи. Во тој контекст проектот вклучува културни работници и уметници и ги реализира следниве активности: проекција на филмови на јавен простор и изработка на мурал.

Воедно, вело-културата е недоволно развиена и сè уште не е препознаена како дел од одржливиот урбан живот, иако има потенцијал да ги поврзе луѓето со градот, со природата и едни со други. Проектот „Педали и приказни“ одговара на овие предизвици со тоа што ја отвора културата кон улицата, создава простор за дијалог, уметност и активизам и ја
приближува до заедницата преку пристапен, одржлив и ангажиран формат.

Во рамките на третата епизода, граѓаните на Прилеп денеска (16.04.) на плоштадот “Александрија”, ќе можат да бидат дел и да учествуваат во следните активности:

17.00 – 19.30 DJ
18.00 Критична маса (возење на велосипед низ прилепските улици)
19.30 Проекција на ЕКО филмови
„P 3“ – 13 минути
„Home Sweet home“ – 14 минути

Паралелно со активностите кои се одвиваат на плоштадот во центарот на градот и низ прилепските улици, учениците и нивните ментори во СОУ Ристе Ристески Ричко изработуваат мурал кој ќе биде презентиран пред прилепската јавност во последната епизода од проектот.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.