Тешко деноноќие зад прилепските пожарникари. Во периодот од 00:42 до 22:45 часот на 13 август, Територијалната противпожарна единица Прилеп интервенирала на дури 15 пријавени пожари на различни локации во Прилеп и прилепско.
Гореле стрништа, сува трева, шума, железнички прагови, а пријавен е и пожар во пчеларник. Пожарите биле регистрирани на повеќе локации, меѓу кои селата Сенокос, Смолани, Мирче Ацев, Петрово, Вранче, Браилово, Тројкрсти, Чепигово, како и на повеќе места во околината на Прилеп.
Првата интервенција била во 00:42 часот, кога пожарникарите биле повикани поради пожар на стрниште во село Сенокос. Интервенирано било со две возила и четворица пожарникари.
Во текот на утрото следувале интервенции на пожар на шума и сува трева во Смолани, како и пожар на сува трева и железнички прагови кај железничката станица во Сенокос.
Особено сериозна интервенција имало во 11:42 часот, кога бил пријавен пожар на сува трева кај Металец, во месноста Кронејца. На терен биле испратени дури четири противпожарни возила и 10 пожарникари.
Во продолжение на денот следувале интервенции кај пчеларник во село Мирче Ацев, кај бараките во Варош, наспроти црквата „Св. Димитрија“, кај Петрово, во Вранче и кон Средорек.
Во вечерните часови пожарникарите интервенирале и на пожар на железнички прагови во село Браилово, на сува трева кај таблата Донија, над Новите гробишта, како и на потегот Тројкрсти – Чепигово. Последната пријавена интервенција била во 22:45 часот на сува трева над бараките во Варош.
Според податоците од Територијалната противпожарна единица Прилеп, во текот на денот биле ангажирани 19 противпожарни возила и 53 ангажирања на пожарникари, распоредени на 15 интервенции.
Големиот број пожари во само еден ден уште еднаш ја покажува сериозноста на состојбата со пожарите на отворен простор во прилепскиот регион, особено во периодот на високи температури и сува вегетација.
Одговорноста и внимателноста на граѓаните се клучни за спречување на нови пожари. Невнимателното палење стрништа, отпад и сува трева може за кратко време да прерасне во сериозна опасност за земјоделските површини, шумите и населените места.
























