Прилеп: Сопственикот непознат, надлежните ненадлежни, а коњи им го пустат имотот (ФОТО)

Прилепчанка преку социјалните мрежи јавно реагираше на проблем со кој, како што наведува, подолг период се соочува во близина на спомен домот на Ѓорче Петров во населбата “Варош” во Прилеп. Таа тврди дека коњи кои секојдневно поминуваат низ овој дел од градот оставаат неред околу нејзиниот дом и на паркингот што редовно го одржува, поради што бара сопственикот да преземе одговорност и да најде решение за проблемот.

Во порака испратена до редакцијата на Маркукуле, таа апелира до граѓаните доколку го познаваат сопственикот на коњите да го известат да стапи во контакт со неа. Како што посочува, за проблемот веќе се обратила и до Општина Прилеп.

Во својот Фејсбук статус таа напиша:

„Почитуван сопственик на коњите,

Со оваа жалба сакам да Ви укажам на проблем што веќе подолго време се повторува и сериозно го нарушува редот и хигиената во околината каде што живеам.

Живеам во куќа во близина на споменикот на Ѓорче Петров. Иако паркингот и просторот околу него не се моја сопственост, јас редовно ги чистам и одржувам за да бидат уредни и чисти.

За жал, Вашите коњи секојдневно поминуваат и оставаат измет и друг неред на паркингот и околу мојата куќа. Поради тоа, целиот мој труд за одржување на просторот е залуден, а дополнително се создава непријатна миризба и нехигиенски услови.

Ве повикувам да покажете одговорност како сопственик и да преземете мерки за Вашите коњи да не го загадуваат просторот или, доколку тоа се случи, истиот веднаш да биде исчистен. Одржувањето на јавната чистота и почитувањето на соседите е обврска на секој од нас.

Се надевам дека оваа забелешка ќе ја сфатите сериозно и дека во иднина ќе се избегнат ваквите ситуации. Во спротивно, ќе бидам принудена да го пријавам проблемот до надлежните институции за понатамошно постапување.“




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.