Поучна приказна: “Фарисејот и Господ”

(Фејсбук статус на Протоереј Љупче Петрески)

ФАРИСЕЈОТ И ГОСПОД

Според денешниот евангелски бисер, параболата за цариникот и фарисејот.

– ФАРИСЕЈОТ: „ Господе, знам дека имаш свои мерила и дека често судиш спротивно на нашата логика. Ама, дали тоа е праведно? Јас целиот живот се трудам, се обидувам својот живот да го усогласам со твоите заповеди. Не сум како другите луѓе: разбојници, несправедливи, прељубодејци, беззаконици, особено не сум како овој грешен цариник …

Мислиш дека ми е посебна радост со денови да постам, гладта и жедта да ме измачуваат? Мислиш дека мало одрекување е кога од се’ давам една десетина за Тебе?

Признавам, често го набљудував овој цариник и неговите пријатели и, понекогаш дури и посакував – прости ми Господе – да живеам како нив, по свое, без морал, без материјални грижи. Ама Ти останав верен. И сега вака ли ми плаќаш? И пред се’, дали овој цариник е поправеден од мене? Да бидам искрен, ми оди на нерви.

Му служи на окупаторот, го пљачка народот. Ги лаже работодавците. И сега ми дошол тука и божем се моли. Тоа е самоволие, а не правда Господи“.

– ГОСПОД: „Имаш право и вистина зборуваш кога своите големи заслуги ги набројуваш пред Мене. Се трудиш и многу си побожен и искрен. Ама каколот на нечовечноста кој расте во твојата пченица ги надвисил и ги загушил сите твои плодови. Твојот начин на живеењето на верата станал теснограден и немилосрден.

Како можеш да тврдиш дека ги почитуваш моите заповеди, кога така постапуваш со твојот брат цариникот? Како твојот презир се согласува со твојата побожност? Твојата гордост те заслепила.

Љубовта згаснала во твоето срце. Во својата праведност самиот себе си си станал Бог. Затоа во верата повеќе не наоѓаш мир и исполнување, затоа не можам да ти дарам нов живот и правда“.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.