После долги години конечно! Објавена набавка за 100 нови амбулантни возила за јавните здравствени установи низ државата

Министерство за здравство објави јавна набавка вредна над 460 милиони денари, со која е предвидена набавка на 100 нови амбулантни возила опремени со современа медицинска опрема. Одлуката е донесена согласно заклучок од владина седница, а возилата ќе бидат наменети за јавните здравствени установи низ Република Северна Македонија.

Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 461.250.000 денари, а во моментов е во тек законскиот рок за доставување понуди од заинтересираните компании. Новите амбулантни возила ќе бидат целосно опремени за потребите на итната медицинска помош, со што значително ќе се подобрат условите за интервенција на терен.

Министерот за здравство, Азир Алиу, посочи дека станува збор за стратешка инвестиција која ќе донесе конкретни придобивки за граѓаните. Со оваа набавка се очекува побрза реакција при итни случаи, поефикасен и побезбеден транспорт на пациентите, како и подобра територијална покриеност, особено во руралните средини.

Проектот претставува дел од пошироката стратегија за модернизација на здравствениот систем, со фокус на зајакнување на капацитетите на итната медицинска помош и обезбедување навремен и организиран одговор во кризни ситуации.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.