Поранешни припадници на „Лавови“, меѓу кои и прилепчани, се поклонија пред 9-метарскиот крст во Ратае посветен на македонските бранители

Крстот во тетовското село Ратае, посветен на сите македонски бранители и припадници на безбедносните сили кои ги положија своите животи во одбрана на татковината, беше место на посета и поклонение на поранешни припадници на специјалната единица „Лавови“, меѓу кои имаше и прилепчани.

Со посетата, тие оддадоа почит на загинатите бранители и на сите оние кои во најтешките моменти застанале во одбрана на Македонија, оставајќи траен белег во поновата македонска историја.

Монументалниот крст, висок 9 и широк 6 метри, е поставен на влезот во Ратае, а на 8 ноември, на празникот Свети Димитриј – Митровден, беше свечено осветен од страна на Митрополитот г. Јосиф, во присуство на бројни жители и верници.

Овој крст е подигнат како симбол на верата, заедништвото и благодарноста, но пред сè како вечен спомен на македонските херои, меѓу кои и Драгослав Петревски – Чиче, Душко Синадиновски – Штица и Ѓорѓи Јовановски, чии имиња и дела остануваат дел од колективното сеќавање.

Посетата на поранешните припадници на „Лавови“ уште еднаш потсетува дека жртвата на бранителите не се заборава, а почитта кон оние кои ја бранеа татковината останува обврска на сите генерации.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.