“Пиво Фест” е пред врата, а туристичкото вовче скапува во некој двор, наместо градот да понуди што повеќе атракции за гостите

Пред нас е најголемата летна манифестација во Прилеп, која секоја година привлекува голем број посетители од земјата и странство – фестивалот на скарата и пивото.

Но, и ова лето недостасува една од атракциите која со години беше заштитен знак на фестивалските денови – туристичкото вовче.

Наместо да ги вози најмалите, нивните родители и туристите низ прилепските улици и да биде дополнителна туристичка понуда за градот, вовчето, според информациите на граѓаните, веќе подолго време стои паркирано и скапува во некој двор.

Голем број дечиња пораснаа со звукот на неговото ѕвонче и возењето низ градот, а денес многумина се прашуваат – зошто повеќе не е во функција и дали некогаш повторно ќе сообраќа?

Последен пат туристичкото вовче сообраќаше пред две години, а зимоска беше изложено на градскиот плоштад како новогодишен украс за фотографирање.

Во пресрет на Пиво Фест, кога Прилеп треба да понуди што повеќе содржини за своите гости, останува надежта дека оваа симпатична атракција нема да остане само убав спомен, туку повторно ќе се врати на улиците каде што и припаѓа.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.