Еднаква грижа водиме за развој на сите општини низ државата. Само во Кисела Вода инвестираме преку 386 милиони денари за патишта и урбан развој, што е огромна поддршка за општината, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски од работната посета на општина Кисела Вода.
Тој заедно со градоначалничката Бети Стаменковска извршија увид во реконструираната улица ”Лазар Димитров” проект што се реализира преку Министерството за транспорт во износ од 3,6 милиони денари.
“Во oпштина Кисела Вода само преку Министерството за транспорт се реализираат проекти во вредност од 386 милиони денари или некаде околу 6 и пол милиони евра, што е една сериозна сума и една сериозна поддршка за општината. На тоа секако се надоврзува и буџетот кој што го има општината. Во изминатиов период се завршија уште пет улици, а додека вкупно доколку гледаме, во изминатиов период имаме преку 20 активни проекти. Она што исто така можам да го кажам е дека во следниов период ќе продолжиме да ја поддржуваме општината, градоначалничката има тим и визија како да ја развива општината, така што еден урбан развој со поддршка од Градот, секако поддршка од Владата и од Министерството за транспорт, сум убеден дека ќе имаме уште повеќе резултати”– изјави заменик претседателот Николоски.
Градоначалничката Бети Стаменковска истакна со поддршката што ја овозможува Владата како и со средства од буџетот на Општината, се реализираат проекти за поурбано и поквалитетно живеење во општината.
























