ОФС Прилеп: Време е Победа да биде под капата на општината и градоначалникот

Во пресрет на новата натпреварувачка сезона 2026/27, од Општинскиот фудбалски сојуз Прилеп и новоформираниот Централен фудбалски регион 4 излегоа со јавно соопштение во кое ја изразуваат сериозната загриженост за состојбата во ФК Победа АД Прилеп.

Во соопштението се посочува дека во текот на следната недела Управниот одбор на Централниот фудбалски регион 4 треба да ја донесе конечната листа на учесници во натпреварувањето, а неизвесноста околу функционирањето на Победа, според нив, претставува сериозна причина за загриженост.

Од ОФС Прилеп нагласуваат дека би било голем срам за прилепскиот фудбал доколку клубот не го започне новото првенство, истовремено повикувајќи инвеститорите да ја разјаснат иднината на клубот или, доколку немаат јасен план, да му го препуштат раководењето на Општина Прилеп.

Во продолжение го објавуваме интегралното соопштение:

СООПШТЕНИЕ ОД ОФС ПРИЛЕП И ЦЕНТРАЛЕН ФУДБАЛСКИ РЕГИОН 4

Со новата реорганизација на ФФМ седиштето на новоформираниот Централен фудбалски регион 4 е во Прилеп.

Во текот на следната недела Управниот одбор на Регион 4 треба да ја донесе конечната листа на учесници во натпреварувањето од сезона 2026/27. Ние како ОФС Прилеп, директно засегнати за клубовите од Општина Прилеп, следејќи ја неизвесноста за понатамошно функционирање на ФК Победа АД Прилеп и како не би дошле во ситуација да ФК Победа АД не го започне натпреварувањето, би претставувало голем срам за фудбалот во Прилеп.

ФК Победа АД не заслужува неизвесност. Клуб со толкава традиција, богата историја и верни навивачи, заслужува јасно раководство, транспарентност и конкретен план за иднината. Време е зборовите на инвеститорот да се претворат во дела, во интерес на клубот, младите фудбалери и градот Прилеп. Доколку таканаречените инвеститори немаат јасен план за иднината на клубот, време е да го остават клубот под капата на Општина Прилеп и градоначалникот Дејан Проданоски.

Особено загрижува состојбата со младинските категории, кои треба да бидат темелот на секој успешен клуб. Без континуирани вложувања, квалитетна организација и долгорочна визија, тешко е да се очекува враќање на ФК Победа АД на местото што и припаѓа.

Во периодот кој следи започнуваат натпреварувањата во младинските категории, а моменталната ситуација е загрижувачка. Со право е загриженоста на родителите на децата кои тренираат во клубот, време е да знаат што понатаму, тие треба да бидат иднината на фудбалот во Прилеп, а не да играат по другите градови.

Доста со пишување и препукување, време е за конкретни чекори и дела, нема време за чекање.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.