Осум нови современи инфузиони пумпи се обезбедени за одделенијата за детски болести, анестезиологија и гинекологија со акушерство, со цел унапредување на квалитетот и безбедноста на здравствената грижа за пациентите.
Опремата е донација од хуманитарната организација Project HOPE, обезбедена благодарение на заложбите и ангажманот на директорот д-р Кире Јоноски и д-р Габриела Тавчиоска.
Новите инфузиони пумпи овозможуваат попрецизно и контролирано дозирање на терапијата, што е особено важно при третманот на најмладите и најранливите пациенти.
Како дел од донацијата, стручниот тим на Project HOPE спровел и сеопфатна обука за медицинскиот персонал, со цел правилно и безбедно користење на новата медицинска опрема и обезбедување максимална ефикасност при третманите.
Од здравствената установа упатија благодарност до Project HOPE за хуманоста, поддршката и придонесот во подобрувањето на условите за работа на медицинскиот персонал и унапредувањето на здравствената заштита.
Набавката на современа медицинска опрема претставува значаен чекор кон побезбедно лекување и поквалитетна грижа за пациентите, особено за оние на кои им е потребна најголема внимателност и посебен медицински третман.




























