Со фокус на дигиталните и ВИ вештини, денес започна Youth Empowered Пивара Скопје Академијата за млади – бесплатна едукативна платформа насочена кон унапредување на знаењата и вештините на младите, со цел нивна поголема конкурентност на пазарот на труд и активно учество во заедницата.
Стартот на Академијата беше одбележан со панел-дискусија на Економскиот факултет во Скопје, на која учествуваа: министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, деканот на Економскиот факултет, проф. д-р Мијалче Санта, како и генералниот директор на Пивара Скопје, Огњен Лазиќ.
„Секогаш велам дека, како и кај куќата, најважен е темелот, така и секоја успешна кариера се гради на вистинските знаења и вештини. Со Youth Empowered Академијата на Пивара Скопје, на младите им даваме практични алатки, релевантни вештини и слобода да ги истражуваат и применуваат новите знаења. Пивара Скопје вложува во вакви програми затоа што веруваме дека успешните компании имаат одговорност да придонесуваат кон развојот на заедницата во која работат. Youth Empowered прорамата е наш начин да ги поддржиме новите генерации да учат, пробуваат и да успеат во иднината“ изјави Огњен Лазиќ, генерален директор на Пивара Скопје. Тој им порача на младите: „Youth Empowered програмата ви дава можност да ја поврзете теоријата од факултет со реалниот деловен свет. Искористете го ова искуство максимално, поставувајте прашања, истражувајте и бидете љубопитни, затоа што љубопитноста е најдобрата инвестиција во вашата кариера“.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, пред студентите ја претстави заложбата за дигитална трансформација со цел да им овозможи на младите пристап до модерната технологија. „Како Влада на сите студенти на додипломски студии од државните и приватните универзитети им овозможивме ваучер за ИТ уред од 15.300 денари. Со над 90 милиони денари го поддржавме УКИМ преку ФИНКИ како носител на проектот Везилка, центарот за вештачка интелигенција на македонски јазик кој е во финална фаза. Го дигитализиравме пакетот услуги од Државниот завод за статистика со кој што студентите ќе можат електронски да ги пополнуваат документите кои до сега ги пополнуваа во хартиена форма “, посочи Андоновски.
Деканот на Економскиот факултет, проф. д-р Мијалче Санта гледа голем потенцијал во соработката на факултетите и бизнисот. „Високото образование и приватниот бизнис се надополнуваат. Преку ваквите соработки и партнерства може да се креираат заеднички решенија и можности за подлабока едукација и практични искуства кои ќе им овозможат на студентите да креираат вредност не само при вработувањето, туку и да испорачаат вредност во самите бизниси“, рече деканот Санта. Тој го водеше и првиот модул на Академијата, посветен на вештачката интелигенција (ВИ), во кој се осврна на практичната примена на ВИ алатките во образованието, работата и кариерниот развој.
Youth Empowered Пивара Скопје Академијата за млади опфаќа осум тематски области, меѓу кои лидерство, одржливост, општествена одговорност, медиумска писменост, меки и презентациски вештини. Во рамки на програмата, во 2026 година ќе се реализираат 22 физички обуки во Скопје и други градови низ државата. Новитет во рамки на унапредената Youth Empowered Академија е и едукативната онлајн платформа со 10 модули, која, покрај бесплатните обуки во живо, нуди дополнителен, флексибилен пристап до знаење. Платформата е достапна преку веб-страницата на Пивара Скопје.
Во изминативе 10 години преку оваа програма на Пивара Скопје, над 12.000 млади луѓе од цела земја се стекнаа со вештини кои им помогнаа при вработување и основање свои бизниси.



























