Ова е спомен паркот кај Дабница во Прилеп, место кое треба да нè потсетува на една од најболните страници од нашето минато. Тука, на 19 септември 1942 година, бугарскиот фашистички окупатор стрелал 19 жители од селото Дабница.
Ова не е само камен, ова е сведоштво, ова е спомен, ова е жртва…
А денес?
Околината е претворена во депонија. Расфрлан отпад, уништена слика, негрижа која боли. Наместо достоинство, срам. Наместо почит, целосен заборав.
Овој споменик неколку пати беше уништуван во изминатите дваесет години, па повторно обновуван. Но што вреди обновувањето, ако дозволиме повторно да го уништиме, овој пат со нашата рамнодушност?
Прашањето е едноставно: Ако не го чуваме минатото, каква иднина градиме?
Апел до надлежните институции, ова место мора да биде заштитено, уредено и одржувано. Апел до граѓаните, ова не е ничија туѓа обврска. Ова е наша заедничка одговорност, и на православни и на муслимани, окупаторот не бирал кој на каква вера и нација припаѓа…
Историјата не се брише само со чекан. Се брише и со молк. Да не молчиме!





























