Има ли “азно” тешко 1.200 килограми во прилепско Мариово? Еве што вели преданието за богатството кое се уште се бара

Големо богатство злато од Отоманската банка во Битола, кое, според легендите е закопано во близина на Расимбеговиот мост на Црна Река во Мариово, ги скокоткало и поранешните премиери Бранко Црвенковски и Љубчо Ѓорѓиевски. Поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ Цветан Јовчески тврди дека, како раководител на подружницата во Прилеп на ЈП Македонија пат, во 2000 година “големите” му нарачале да ги однесе машините за копање да го бараат турското азно во Мариово. Но, наместо злато нашле шајки – пишува неделникот “Зенит”.

Во вториот мандат на премиерот Бранко Црвенковски, мариовското азно од тон и кусур шипки било пребарувано со машини од мариовските фирми под будното око на полицијата и војската во 1996 година. Учесници во “авантурата” кажуваат дека наместо ковчег со скапоцен жолт метал, машините откриле метално буре, закопано од работниците што го граделе новиот мост.

Прилепчанец раскажува дека со негов пријател платиле по неколку стотина марки на трагач по закопани богатства за турска карта, која прецизно го обележувала местото на закопаното благо. И поранешен директор на Заводот и музеј пред 30 години го натерале да “ора” по потрага по златото од приказните.

Тон злато во темелот на мостот

Преданието вели дека при пропаѓањето на Турската империја, Османлиите се обиделе да однесат во Турција околу 1200 килограми злато од Отоманската банка во Битола. Златото во шипки било скриено околу Расимбеговиот Мост на Црна Река во Мариово, откако пропаднале обидите да се пренесе преку Лерин. На вториот “ксмет”, поворката со наоружан аскер до заби, тргнала со десетина маски со сандаци со злато по течението на Црна Река кон Цариград. Кај Расимбегов Мост, водачот со пријател првин ги убил маските, а потоа војниците. Бидејќи златото не можеле сами да го носат, го закопале длабоко во мариовската земја.

Друго предание кажува дека арамиите направиле карта за местото каде го закопале златото. Едниот ограбувач заминал за Швајцарија, а другиот за Турција со намера да се вратат и тајно и мирно да го земат “пленот”.

И власта во потрага

Приказните ги “палат” трагачите по злато. Оние кои веруваат, чешлаат низ Мариово со апарати за детекција на метал. И властите се “заразиле од мариовската златна треска”. Според учесници, додека премиер бил Бранко Црвенковски, во 1996 година, полицијата трагала по златото ноќно време со градежна механизација. Очевидец вели дека местото се обезбедило од војници, полицајци и цивилна полиција. Патот бил блокиран дури од Прилеп. Цела ноќ бревтале машините додека ја отворале утробата на земјата околу мостот осветлуван со струја од генератор. Детекторот “загризал” на ‘рѓосано буре. Сé уште постојат траги од не затрупаната дупка, на која денес е кренат Параклис.

Пратеникот од првиот парламентарен состав Цветко Јовчески раскажува дека во 2000 година му се јавиле сред бел ден да ја пренесе механизацијата од Македонија пат од Прилеп, каде бил раководител, во Мариово кај Расимбегов мост.

– Во присуство на ДБК од Битола од Скопје и луѓе од Велес баравме злато со машина за црпење. Со секоја лажица, детекторот кажуваше знаци. На крај, се измачивме со еден камен, оти апаратот даваше сигнали дека има нешто. Маката не се исплатеше, оти извадовме некои шајки. После, машината за “злато” не даде глас. Залудни беа уште неколкуте обиди да се најде метал – вели Јовчески.

Прилепски авантурист кажува дека вложиле по неколку стотина марки за карта која го покажувала местотот на благото.

– Копавме со аргати околу Расимбеговиот мост неколку дена, но не најдовме ниту “з” од злато. Не измамија. Бадијала ги дадовме парите. Златото е легенда, а не историја. Тоа е приказна, создадена во нечија глава со пуста желба за богатство – вели нашиот соговорник кој сакаше да остане анонимен.

Во улога на Индијана Џонс се пробал и поранешен директор на Заводот и Музеј.

– Во 1985 година, со раководството на фабриката Партизан го претресовме секое камче во околината на мостот. Злато нема – вели поранешниот директор.

Мистеријата за закопаното злато останува да ги инспирира трагачите на авантури. Затоа се плетат разни приказни и нагаѓања.

Извор: “Неделник ЗЕНИТ”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.