Зајкова по трагедијата во Богданци: „Со одбивањето на електронската нараквица убивте уште една жена“

Претседателката на Либерално-демократската партија и пратеничка, Моника Зајкова, остро реагираше по трагедијата во Богданци, обвинувајќи го владејачкото мнозинство дека нема волја да воведе дополнителни механизми за заштита на жртвите на семејно насилство.

Зајкова посочува дека 17-годишната Билјана претходно пријавувала насилство и смртни закани, а сепак не успеала да добие соодветна заштита.

Таа ја отвори дилемата како постапуваат институциите кога една девојка ќе пријави дека нејзиниот живот е загрозен и зошто не се преземаат дополнителни мерки за спречување на вакви трагедии.

Од ЛДП потсетуваат дека во изминатата година двапати поднеле предлог во Собранието за воведување електронски нараквици за сторителите на семејно насилство. Според предлогот, со оваа мерка би се следело движењето на насилниците, а жртвите и надлежните служби навремено би добивале известување доколку сторителот ја прекрши судската забрана за приближување.

Зајкова бара најстрога казна за сторителите, но и утврдување одговорност кај сите институции и лица кои евентуално не постапиле соодветно и можеле да придонесат за спречување на трагедијата.

ЛДП бара целосно расчистување на случајот во Богданци, проверка на постапувањето на надлежните институции и утврдување одговорност доколку се констатираат пропусти.

„Уште колку Ивани, Росици и Билјани треба да ни се случат за конечно институциите да почнат да функционираат и да ги заштитат оние на кои заштитата им е најпотребна?“, прашува Зајкова, повикувајќи на конкретни мерки наместо декларативни заложби за заштита на жените.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.