Гинис го потврди историскиот подвиг на Сашко Кедев: Македонецот е најстариот алпинист кој ги искачил сите 14 врвови над 8.000 метри!

Историскиот подвиг на македонскиот кардиолог и алпинист д-р Сашко Кедев доби официјално признание од Гинисовата книга на рекорди. Кедев е впишан како најстар алпинист кој ги искачил сите 14 планински врвови во светот повисоки од 8.000 метри, со вистински искачувања до нивните највисоки точки.

Овој извонреден успех го комплетираше на 20 јули 2025 година, кога го освои Гашербрум I, висок 8.080 метри. Тогаш имаше 63 години и 14 дена, со што постави рекорд кој сега е официјално потврден од Гинис.

Во продолжение, пренесуваме што објави Гинисовата книга на рекорди на својата официјална веб-страница:

Најстар алпинист кој ги искачил сите 14 планини повисоки од 8.000 метри
Најстариот алпинист кој ги искачил сите 14 планини повисоки од 8.000 метри, достигнувајќи ги нивните вистински највисоки точки, е Сашко Кедев (Северна Македонија, роден на 6 јули 1962 година).

Тој го комплетирал овој предизвик на 20 јули 2025 година, на возраст од 63 години и 14 дена, кога го достигнал врвот на Гашербрум I.

Д-р Кедев е исто така најстарата личност која ги искачила сите 14 осумилјадници и највисоките врвови на седумте континенти, познати како „Seven Summits“.

Највисоките точки на сите седум континенти ги освоил во периодот од 14 јануари 2008 година, кога го искачил Аконкагва во Јужна Америка, до 6 ноември 2011 година, кога го освоил Пункак Џаја (познат и како Карстензова пирамида) во Океанија.

Четиринаесетте осумилјадници и датумите на нивното искачување:

-Еверест – 19 мај 2009 година

-Манаслу – 27 септември 2021 година

-Даулагири I – 9 април 2022 година

-К2 – 22 јули 2022 година

-Броуд Пик – 29 јули 2022 година

-Анапурна I – 15 април 2023 година

-Нанга Парбат – 2 јули 2023 година

-Чо Оју – 2 октомври 2023 година

-Макалу – 5 мај 2024 година

-Лоце – 13 мај 2024 година

-Гашербрум II – 22 јули 2024 година

-Шишапангма – 4 октомври 2024 година

-Канченџунга – 23 мај 2025 година

-Гашербрум I – 20 јули 2025 година

Рекордот е потврден од консултантот на Гинисовата книга на рекорди за алпинизам, Еберхард Јургалски.

Со ова признание, името на Сашко Кедев добива свое место во светската историја на алпинизмот, а Македонија уште еднаш добива причина да се гордее со достигнување од светски размери.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.