Вечерва се очекува да бидат објавени промените што произлегуваат од реконструкцијата на Владата, по седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека со коалициските партнери „Вреди“ и ЗНАМ постои принципиелен договор околу распределбата на ресорите, но дека персоналните решенија ќе бидат соопштени дури по седницата на партиското раководство.
Тој посочи дека досега не се разговарало за конкретни имиња, туку за начелна поделба на ресорите, додавајќи дека јавноста ќе биде детално информирана вечер околу 20 часот.
Мицкоски најави дека во текот на овој месец се очекува да се реализира реконструкцијата на Владата, заедно со ребалансот на буџетот и, доколку има потреба, донесување на реформски закони поврзани со реформската агенда. Според него, Собранието во август ќе биде на летен одмор, по што активностите ќе продолжат во септември.
Според изјави на претставници на коалициските партнери, по реконструкцијата „Вреди“ би требало да раководи со неколку министерства, меѓу кои за животна средина, економија, правда, евроинтеграции, култура и односи меѓу заедниците, при што дел од ресорите би добиле нови кадри.
Од ЗНАМ најавуваат дека ќе раководат со две министерства, а конечната распределба на ресорите се очекува да биде соопштена денеска.
Засега е познато дека Арбен Фетаи, досегашен вицепремиер за добро владеење, нема да биде дел од новиот владин состав. Во јавноста се споменуваат и можни промени во дел од министерските позиции, но официјална потврда сè уште нема.
Премиерот претходно изјави дека реконструкцијата не се прави само поради досегашните резултати, туку и поради промена на приоритетите, нагласувајќи дека обемот на кадровските измени сè уште не е дефиниран.
Според најавите, предлог-составот на новата Влада ќе биде доставен до Собранието веднаш по објавата, по што ќе следува собраниска процедура за негов избор.
























