Tрадицијата продолжува: Жителите на Жабино Маало го одбележаа заштитникот на Прилеп, Св. Никола Чудотворец (Фото галерија)

Секоја година, еден ден пред празникот „Св. Никола“, жителите на прилепската населба “Жабино Маало” со богата посна трпеза, топли напитоци и со желби за успех го слават патрониот празник на Прилеп.

Редици верници и денеска се собраа пред параклисот во оваа населба, запалија свеќи и се помолија за здравје за себе и своите најблиски.

На настанот беше присутен и градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески, кој го честиташе христијанскиот празник Св. Никола посакувајќи здравје, среќа и бериќет во домовите на сите граѓани.

-Сакам да ви посакам пред се добро здравје на сите, мир, среќа и бериќет во вашите семејства. Голема благодарност за организацијата упатувам до годинешните домаќини Љупче и Менде со нивните фамилии а исто така го честитам кумството на новите домаќини за в година и се надевам дека здрави живи сите ќе се видиме повторно тука да го одбележиме овој голем празник. Ја користам оваа прилика уште еднаш да ги поканам сите жители на општина Прилеп утре заедно на централната прослава на празникот во центарот на градот пред параклисот на Св. Никола и на плоштадот „Александрија“! Нека ни е за многу години празникот – напиша Јовчески.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.