Жална вест: Нема сала со паркет и згаснува кошарката во Прилеп? Децата препуштени на улицата

Град со над 70.000 жители, без сала што ги исполнува условите за прволигашко натпреварување. Град со сериозен буџет, а без капацитет да одвои 100.000 евра за основни услови во спортот. Ова веќе не е прашање на приоритети, туку на негрижа.

Кошарката во Прилеп во последниве години беше ретка светла точка. Искра надеж за младите, простор каде што децата учеа дисциплина, тимска работа и вредности. Денес, таа искра полека згаснува, не поради недостаток на талент, туку поради недостаток на услови.

Нели е срамно град како Прилеп да нема ниту една функционална сала? Нели е поразително што овој проблем се влече со години, без конкретно решение? Цела деценија ветувања, стратегии и планови, а резултатот е ист: празни зборови и затворени врати за спортот.

Прашањето е едноставно: за кого ги плаќаме даноците? Каде завршуваат парите на прилепчани? Во што се инвестира ако не во иднината на младите?

Ова не е само спортски проблем, ова е општествен аларм. Кога ќе ги изгубиме салите, ги губиме и децата од терените. А кога децата ќе се тргнат од спортот, цената што ја плаќа едно општество е многу поголема од 100.000 евра.

Крајно време е овде да дојдат и претставниците од Министерството за спорт што ветуваа решавање на проблемот уште минатата година.

Прилеп не бара луксуз. Прилеп бара основни услови. И тоа веднаш!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.