Oбјавен јавен повик: Младите од Пелагонија со можност да освојат награди за своите иновативни бизнис идеи

Младите од Пелагонискиот регион добиваат можност своите идеи да ги претворат во можност за развој и успех преку Регионалниот натпревар за иновативни бизнис идеи.

Натпреварот има за цел да го поттикне креативниот потенцијал на младите, да даде простор за нивните идеи и визии и да ги препознае најперспективните иновативни концепти од регионот.

Иницијативата се реализира во рамки на Регионалната платформа за млади, која ги обединува деветте општини од Пелагонискиот регион и девет невладини организации, со цел создавање нови можности за младинско учество и поттикнување иницијативи кои придонесуваат кон развојот на локалните заедници.

Право на учество имаат млади од 15 до 29 години од Пелагонискиот регион. Секој учесник може да пријави по една иновативна бизнис идеја, додека за малолетните учесници е потребна согласност од родител или старател.

За најдобрите идеи е обезбеден награден фонд од вкупно 30.000 денари, обезбеден од деветте општини членки на Регионалната платформа за млади.

Јавниот повик е отворен до 10 септември 2026 година, до 14:00 часот, а младите од сите девет општини во регионот се повикуваат да ја искористат можноста и да ги претстават своите идеи, визии и иновативни решенија.

Целосните информации за условите за учество, потребната документација и начинот на пријавување се достапни на prolocal.mk/mk/2026-mk/.

Доколку имате идеја, визија и желба да создадете нешто ново, ова е можност да ја претставите пред пошироката јавност и да станете дел од иницијатива која ги поддржува младите како носители на позитивни промени во Пелагонискиот регион.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.