Акција за пронаоѓање на вооружени лица со огнено оружје се одвивала во НП „Пелистер“ во текот на ноќта меѓу 12 и 13 август, откако ренџерската служба на ЈУНП „Пелистер“ добила информации дека лица со оружје навлегле длабоко во заштитеното подрачје.
Според информациите од ЈУНП „Пелистер“, акцијата започнала на 12 август, околу 19 часот, по прибирање информации од повеќе извори од теренот. Ренџерската служба, предводена од директорот Иванчо Тошевски, во координација со СВР Битола, формирала две патроли, потпомогнати од полициски службеници.
Патролите се движеле независно една од друга по исклучително тежок и тешко достапен терен на над 2.000 метри надморска височина. Едната група пристапувала од правец на село Велушина, додека другата од правец на Инфоцентарот, со цел од различни страни да пристапат до локацијата каде што, според добиените информации, се наоѓале вооружените лица.
По повеќе од три часа пешачење, околу 23:30 часот, лицата биле лоцирани во близина на локалитетот Голема Грива, во зона на строга заштита.
Од моментот на лоцирањето, со сите понатамошни активности раководеле полициските службеници. Акцијата траела до раните утрински часови, а околу 4 часот на 13 август лицата биле спроведени во полициска станица.
Од ЈУНП „Пелистер“ ја истакнуваат континуираната соработка со СВР Битола во насока на заштита и зачувување на природата и упатуваат благодарност до полициските службеници за поддршката и професионалноста.
Од Националниот парк посочуваат и дека теренот на кој се одвивала потрагата е исклучително тежок за контрола и редовни патролни активности поради недостигот од соодветна инфраструктура. Особено се проблематични шумските патишта кои, според стратешките документи на НП „Пелистер“, треба да имаат значајна улога во противпожарната заштита и работата на ренџерската служба.
Од установата информираат дека обновувањето и подобрувањето на овие патишта е високо на агендата на активностите. Воедно, предупредуваат дека во делови од паркот со највисок степен на заштита сè уште се регистрираат обиди за незаконски активности, кои, како што наведуваат, во соработка со СВР Битола навремено се спречуваат.



























