Симон Трпчески, светски познатиот македонски класичен пијанист, синоќа одржа концерт во античкиот театар во Хераклеа во Битола. На концертот присуствуваа и градоначалникот на Битола Тони Коњановски и претседателката на Македонија Гордана Сиљановска Давкова.
Трпчески е еден од најафирмираните македонски изведувачи и веројатно најдобриот македонски пијанист на сите времиња, а во истовреме и еден од најголемите културни амбасадори на Македонија во светот.
Неговата кариера вклучува настапи со Лондонска Филхармонија, Филаделфискиот Оркестар и Кралската Ливерпулска Филхармонија. Добитник е на наградата за дебитант на годината од Кралското Филхармониско Друштво и на престижната награда „Gramophone“. Критичарите го опишуваат како пијанист со исклучителна техника и длабока музикалност.
Македонскиот пијанист Симон Трпчески се етаблираше како еден од најистакнатите музичари на светската сцена, настапувајќи со повеќе од 100 оркестри на четири континенти, под водство на водечки диригенти и во најпрестижните концертни сали. Трпчески е препознатлив по својата моќна виртуозност и длабоко експресивен пристап, како и по својата харизматична способност да воспостави врска со најразлична публика ширум светот и по својата посветеност кон зајакнувањето на културното наследство на Македонија.
„Да го слушнете Трпчески во Антички Театар Хераклеа е привилегија – класична музика од светско ниво во амбиент кој е стар повеќе од два милениума. Ова е настан кој ретко се случува“ велат од „Прагма продукција“ која го организираше концертот со поддршка на Општина Битола.





























