Maл paj на земјата кој се наоѓа во Македонија: Пештерната црква Св. Архангел Михаил во с. Радожда – вистинска Божја убавина (Фото галерија)

Во еден од најубавите предели на западниот брег на Охридското Езеро се наоѓа струшкото село Радожда, сместено на неколку чекори од бистрата езерска вода и во прегратките на прекрасната природа која се издига над него.

Селото е старо околу 10 века, но пишуваните докази се од документите на Душановата повелба 1342-1345 година под името Радобужда. Подоцна во Опширниот описен дефтер на Охридскиот санџак од 1583 се појавува под името Радохожда, а во ракописот на Бранислав Нушиќ од 1892 година се нарекува Радоожџа. Селото било формирано во планинските ливади на околу еден километар на запад.

Селото има седум цркви, која од која поубави и која од која повредни, но онаа што остава без здив е пештерната црква сместена над Радожда, црквата посветена на војсководителот на Небесните Сили Св. Архангел Михаил.

Црквата датира од XIV век и зрачи со својата посебност, уникатност и душевен мир кој го пружи.

До неа се стигнува преку стотици мали скалички, кои кога ќе ги искачите одеднаш ќе заборавите на заморот, опиени од глетката која ќе се испружи пред вас. Езерската вода од таму горе изгледа волшебно. Нијансите на сина, зеленкаста и тиркизна боја оставаат без здив.

Кога ќе се завртите пак ќе здогледате едно монументално дело, на кое секое камче и секоја педа имаат своја посебна историја, место кое раскажува долговековно постоење, светилиште кое за миг ќе ви ги оттргне мислите и ќе ве опие со Божја љубов.

Најголемиот дел од откриените фрески потекнуваат од 14-сетот век . Од нив се истакнува единствената сочувана композиција од 13-сетот век, со претстава “Чудото во Хона” – насликана во чест на патронот кому е посветена црквата.

Иако е мала црквата Св. Архангел Михаил ќе ве вознесе со нејзината убавина и исконска вредност која ја поседува. Црквата е заштитен споменик на културата, но често била изложена на напад на нечесни луѓе арамии.

Внатрешниот изглед дополнително ќе ви предизвика воздишки, ќе ве запрепастат умешно нацртаните фрески врз грубите карпести ѕидови. Во црквата има и книга, на која можете да запишете ваша молитва и да пренесете дел од чувствата. Тука Бог е присутен и допира до вас. Маркукуле.мк искрено ви препорачува да го посетите ова место и да допрете дел од оваа исконска Божја убавина.


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.