дома блог страница 80

Водата за пиење во Крушево е исправна и безбедна за употреба

Општина Крушево ја информира јавноста дека, согласно резултатите од трите последователни лабораториски испитувања извршени од страна на Центарот за јавно здравје-Прилеп, водата од градскиот водовод ги исполнува сите законски пропишани параметри за квалитет и е здравствено исправна и безбедна за пиење.

-Причината за привременото отстапување во квалитетот на водата беше технички прекин во функционирањето на системот за хлорирање, предизвикан од прекин во снабдувањето со електрична енергија. Веднаш по отстранувањето на дефектот беа преземени сите неопходни мерки за нормализирање на процесот на хлорирање и континуирано беа спроведувани контроли на квалитетот на водата, се наведува во соопштението.

Трите последователни анализи извршени од Центарот за јавно здравје – Прилеп потврдија дека водата е здравствено исправна и ги исполнува сите законски пропишани критериуми за безбедност.

-Ги известуваме граѓаните дека водата од јавниот водовод во Општина Крушево може слободно да се користи за пиење, подготовка на храна и за сите останати потреби во домаќинствата, без потреба од дополнителни мерки или ограничувања. Општина Крушево и Јавното комунално претпријатие ќе продолжат со редовен мониторинг на системот за водоснабдување и со континуирана соработка со Центарот за јавно здравје – Прилеп, со цел обезбедување сигурна, квалитетна и здравствено исправна вода за сите граѓани. Им благодариме на граѓаните за трпението, разбирањето и довербата што ја покажаа во текот на изминатиот период, велат од општината.

ФК Мукос назначи нов тренер, со ПОБЕДА никој не знае што се случува

Фудбалскиот клуб Мукос од село Дреновци официјално го назначи Орде Конески за нов шеф на стручниот штаб.

Конески е добро познато име во клубот и долгогодишен член на фудбалското семејство на Мукос. Како поранешен играч, со години го носеше зелено-белиот дрес, оставајќи белег со својата пожртвуваност, дисциплина и неизмерна љубов кон играта.

Благодарение на стекнатото искуство, лидерските способности и професионалниот пристап, клубот му ја довери најодговорната функција – да го предводи тимот од тренерската клупа.

Од ФК Мукос веруваат дека со својата работа, знаење и победнички менталитет, Орде Конески ќе придонесе за нови успеси, напредок на клубот и правилен развој на младите фудбалери.

Му посакуваме многу среќа, успешна сезона и што повеќе победи на клупата на ФК Мукос!

На местото каде е ветено да никне МОЛ во Прилеп, ѓубрето не е собрано две недели (ФОТО)

На неколку метри од локацијата каде е ветено да се изгради првиот мол во Прилеп, ѓубрето не е собрано цели две недели, реагираат стопанственици кои во индустриската зона имаат свои производствени капацитети.

Полни контејнери и ѓубре на сите страни… Апел до надлежните да обрнат повеќе грижа за хигиената во овој дел од градот.

AVRA продолжува со летната магија: David DJ Set и промотивни коктели што мора да се пробаат овој четврток

Летните вечери во Прилеп добија нова димензија, а најголемиот “виновник” за тоа е AVRA – Bites & Cocktails, локалот кој е вистинска свежина во понудата не само на Прилеп, туку и на целиот регион. AVRA продолжува да ја гради традицијата на тематските четвртоци кои веќе станаа омилено место за излегување на многумина.

Овој четврток, 30 јули, AVRA подготвува уште една вечер исполнета со одлична музика, освежителни коктели и пријатна атмосфера. За музичкиот ритам ќе се погрижи David DJ, кој ќе создаде совршена атмосфера за уште една незаборавна летна ноќ.

Покрај музиката, посетителите ќе можат да уживаат и во специјална коктел понуда, подготвена само за оваа вечер:

🍸 Gordon’s Passion – 150 денари
🍸 Pink Charm – 150 денари
🍸 Tanqueray Elderflower – 170 денари
🍸 Hendrick’s Rose Garden – 250 денари

Без разлика дали сте љубител на освежителни овошни вкусови или преферирате нешто поелегантно и порафинирано, AVRA има коктел кој совршено ќе го надополни вашето летно расположение.

Со модерен амбиент, внимателно креирана понуда, квалитетна музика и одлична услуга, AVRA уште еднаш покажува зошто тематските четвртоци стануваат препознатлив белег на летната сезона во Прилеп.

Затоа, соберете го друштвото, резервирајте си место навреме и бидете дел од уште една вечер исполнета со добра енергија, музика и коктели.

Плус AVRA располага со простран паркинг веднаш до објектот!!!

Резервации на телефонскиот број: 078 564 477

Овој четврток, адресата за добро расположение е само една – AVRA – Bites & Cocktails.

Домаќинско и одговорно работење во интерес на институцијата и граѓаните

Раководството на ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Прилеп продолжува посветено да работи на подобрување на условите за работа во установата, како и на унапредување на квалитетот и достапноста на здравствените услуги за граѓаните.

Во рамките на обезбедената субвенција во износ од 350.000 денари, набавени се вкупно 13 климатизери, и тоа:

10 климатизери со капацитет од 3,5 kW, по единечна цена од 23.999 денари, односно во вкупна вредност од 239.990 денари;

3 климатизери со капацитет од 5,5 kW, по единечна цена од 36.499 денари, односно во вкупна вредност од 109.497 денари.

Вкупната вредност на набавката изнесува 349.487 денари, со што расположливите средства се искористени рационално, наменски и речиси во целост.

Дополнително, обезбедени се субвенции за мобилните телефонски линии што се користат за директна комуникација на граѓаните со болничките одделенија, како и поволности за интернет-услугите од страна на операторот. Со тоа се овозможува побрза, поедноставна и поефикасна комуникација меѓу граѓаните, пациентите и болничките служби.

Овие активности се доказ за домаќинското, одговорното и транспарентното работење на сегашното раководство на ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Прилеп. Сите обезбедени средства, субвенции и поволности се користат исклучиво за потребите на институцијата, за подобрување на условите за работа и за обезбедување поквалитетни услуги за граѓаните.

Со рационалното користење на средствата и со конкретните вложувања во подобрувањето на условите и комуникацијата, сегашното раководство покажува како треба да се управува со една јавна институција.

Ваквиот начин на работа претставува позитивен пример што треба да го следат и другите јавни институции – со одговорност, домаќинско управување и целосна посветеност на јавниот интерес и потребите на граѓаните.

Ансамбли од Порторико и Словачка, утре на платото пред ЦК “Марко Цепенков” во Прилеп

Илинденски фестивалски караван и во Прилеп! Утре, среда (29.07), со почеток од 21:00 часот, на платото пред ЦК “Марко Цепенков”, ќе настапат:

Ансамбл Балетски сабор “Борикуа”, од Агуадила, Порторико

Основан во 2008 година како Елмурба. Цел – да го зајакне учењето на порториканскиот фолклор и неговите жанрови за ученици од сите возрасти. ELMYRBA е кратенка за игриви студии на музика и домородни танцови ритми. Во 2015 година се реорганизира како Фолклорен Балетски Сабор Борикуа. Неговата цел е да го презентира фолклорот и традициите на земјата и на островот во странство. Вклучува шпанско, таино и африканско наследство, кои заедно го создадоа убавиот фолклор. Во 2014 година, добива акредитација од CIOFF. Во 2015 година, започнува со проектот Фолклорен Балетски сабор Борикуа со своите младински и возрасни групи.

ФА „Топлан“ од Гиралтовице, Словачка

Ансамблот постои од 1973 година и ја негува традиционалната словачка музуика и танци. Членовите изведуваат традиционални песни и игри од регионите Горни Шараш и Земпеш, Источна Словачка. Во него членуваат 40 млади, кои се облечени во традиционални живописни и авентични носии.
Ансамблот учествувал на бројни манифестации и меѓународни фолклорни фестивали.

Сонот за Европа започна вчера, ќе уживаме во успесите на единствениот суперлигаш РК “ПРИЛЕП” (ФОТО)

Ракометниот клуб Прилеп вчера официјално ги започна подготовките за натпреварувачката сезона 2026/2027, со првиот тренинг на кој стручниот штаб го означи стартот на новиот работен циклус.

Со почетокот на подготовките, ракометарите влегуваат во период на интензивна работа, физичка подготовка и воигрување, со цел екипата максимално подготвена да ги дочека предизвиците што ја очекуваат во новата сезона.

Во клубот владее позитивна атмосфера и мотивираност, а амбициите се преку посветена работа и дисциплина да се остварат што подобри резултати на домашната сцена.

Првата можност за проверка на формата ќе биде на традиционалниот меморијален турнир „Миле Нешкоски“, кој со години претставува еден од најзначајните спортски настани во Прилеп. Турнирот не е само подготовка за новата сезона, туку и симбол на богатата ракометна традиција на градот, собирајќи екипи и љубители на ракометот во чест на ликот и делото на Миле Нешкоски.

Со првиот тренинг започнува ново поглавје за РК Прилеп, а останува да се види како ќе се одвиваат подготовките и какви резултати ќе донесе новата сезона за прилепскиот ракометен колектив.

Врие од кучиња скитници на градските гробишта во Прилеп – Измет и урина по гробовите (Фото галерија)

Врие од кучиња скитници на новите градски гробишта во Прилеп, се жалат прилепчани на социјалните мрежи, кои изминатиот викенд ги посетиле вечните почивалишта на своите најблиски.

Граѓаните велат дека често на гробните места наоѓаат кучешки измет, а кучињата се хранат и со она што се остава на гробовите.

Сликата велат е иста при секоја посета, само бројката на кучиња постојано се зголемува….

Животните се невини суштества, но крајно време е проблемот со бездомните животни системски да се решава…

СРАМНО И НЕДОЗВОЛИВО: Жителите од прилепско Кадино Село со месеци без нормално водоснабдување – апел за итна реакција!

Жителите на прилепското Кадино Село веќе три до четири месеци се соочуваат со сериозен проблем, немаат редовно и нормално водоснабдување. Во 21 век, кога пристапот до вода е едно од основните човекови права и предуслов за нормален живот, жителите секојдневно се принудени да се снаоѓаат без најосновниот ресурс.

Недостигот на вода не е само непријатност, тој директно влијае врз секојдневниот живот на семејствата. Без вода е невозможно нормално да се одржува лична и домашна хигиена, да се подготвува храна, да се грижи за децата, постарите лица и болните. Во екот на летните горештини, кога потребата од вода е најголема, состојбата станува уште потешка и дополнително го отежнува животот на жителите.

И покрај бројните реакции, поплаки и барања упатени од мештаните, проблемот сè уште нема трајно решение. Разочарувачки е што по неколку месеци граѓаните сè уште чекаат конкретни чекори, додека неизвесноста продолжува.

Затоа, жителите јавно апелираат до Општина Прилеп и ЈКП „Водовод и канализација“ – Прилеп што е можно поскоро да излезат на терен, да ја утврдат причината за проблемот и да преземат конкретни мерки за негово целосно решавање. Жителите очекуваат навремена информација за тоа што се презема и кога може да се очекува нормализирање на водоснабдувањето.

Кадино Село не смее да биде заборавено. Секое населено место заслужува еднаков пристап до основните комунални услуги, а водата не е привилегија или луксуз – таа е неопходна за достоинствен живот.

Овој апел е повик до надлежните институции да покажат одговорност и со конкретни активности да го решат проблемот што ги погодува жителите на Кадино Село веќе со месеци.

Важно известување! Водата од овие чешми во околината на Прилеп не е исправна за пиење

Општина Прилеп ги известува граѓаните дека водата од мерно место:
Локален водоснабдителен систем – Ореовец – јавна чешма сред село, не е здравствено исправна заради наод на бактерии од цревно потекло, како и зголемен број колонии бактерии на 37 степени, и не смее да се користи за пиење без претходно вриење од 10 минути.

Неопходно е соодветно техничко решение за објектот со можност за редовна дезинфекција на водата.

Село Леништа – јавна чешма сред село – водата не е здрвствено исправна, заради наод на бактерии од цревно потекло, како и зголемен број на колонии бактерии на 22 и 37 степени, и не смее да се користи за пиење. Неопходно е соодветно техничко решение за објектот со можност за редовна дезинфекција на водата.