дома блог страница 310

Денеска сите во сала! Мега Баскет игра одлично, заслужува голема поддршка на трибините

Денеска со почеток од 16:15 часот, во спортската сала во ООУ “Добре Јованоски”, екипата на КК Мега Баскет од Прилеп ги пречекува Водно Санс, во рамки на третото коло од Првата лига.

Екипата на Мега Баскет од Прилеп ја продолжува одличната серија оваа есен во А-групата од Првата лига на Македонија. Еден од најзабележителните играчи е плејмејкерот Владимир Враниќ од Србија, кој досега беше единствениот странец во тимот. Отсега па натаму, Враниќ ќе настапува со македонско државјанство, со што станува дел од домашниот играчки кадар. Ова отвора можност клубот да ангажира нов странец, најверојатно на позицијата центар.

Очекувањата за денешниот натпревар против Водно Санс се за полна трибина и силна поддршка од прилепската публика, додека домашниот состав ќе се обиде да стигне до третата есенска победа, по двата претходни триумфи – најновиот против Тетекс во Тетово (85:78), каде Враниќ беше најпрецизен со 23 поени.

Да ги поддржиме момците и да се радуваме на уште една победа!

Искуство за сите сетила и настан што не се пропушта! Браќата кои ја напишаа бургер историјата во Македонија доаѓаат во Прилеп

Седум години страст, вкус и безгранична љубов кон гастрономијата! Приказната на Bro’s Burger Station започна во срцето на Охрид, како визија на браќата — Бојан и Филип Стојковски, кои од мал киоск создадоа едно од најпознатите street food имиња во Македонија. Од првиот македонски бургер со ајвар, овчо сирење и охридско макало, до иновативни вкусови со тартуфи, диво месо и вино — нивните креации го освоија вкусот и срцето на гурманите низ целата земја.

А сега, нивната кулинарска магија доаѓа во Прилеп!

Во четврток, 06.11, во Ресторан Порта, браќата Стојковски ќе приредат ексклузивен Private Burger Experience – настан со ограничен број места, резервиран за вистинските љубители на уникатниот вкус.

Гостите ќе имаат ретка можност во живо да гледаат како се подготвуваат три специјални бургер креации, а потоа да ги доживеат сите нијанси на вкусот што го направија Bro’s Burger Station легенда на македонската бургер сцена.

Покровител на настанот е Zlaten Dab Amber, пиво чиј автентичен карактер совршено се надополнува со уникатните бургер вкусови што ќе бидат подготвени специјално за оваа прилика.

Ресторан Порта повторно ја потврдува својата репутација како единствениот ресторан во Прилеп што нуди ваков вид на гастрономски доживувања – каде храната е уметност, а секој настан е ново искуство. Ова е нешто што не смее да се пропушти – единствена можност да погледнете во живо, а потоа да вкусите дел од гастрономскиот свет кој го има во најдобрите светски метрополи, но кај нас е вистинска реткост.

Вечерта ќе биде збогатена со одлична музичка програма, за совршен спој на вкус, атмосфера и уживање. За настанот да биде уште подобар ќе се погрижат Каролина и Роберт – врвно музичко дуо што ќе ја направи вечерта специјална.

Побрзајте и резервирајте навреме на тел.бр. 078 368 111

ЧЕТВРТОК, 06.11.

Подгответе се за искуство што се памети – Bro’s Burger Station во Порта!

Програма за одбележување на 3-ти Ноември – Денот на ослободувањето на Прилеп

Со полагање свежо цвеќе пред спомен обележјата на Методија Андонов Ченто и Кузман Јосифоски-Питу, како и на Могилата на Непобедените и меморијалниот комплекс Песјобрдце, во Прилеп ќе започне одбележувањето на 3 Ноември – Денот на ослободувањето на градот.

Во рамките на програмата, Ротари клуб Прилеп ќе го одржи традиционалниот уметнички хепенинг, а вечерните часови ќе бидат исполнети со богата културна програма – свечено откривање на ѕвезда во чест на уметникот Коста Смилески и изложба на делата создадени на ликовната колонија „Марко Цепенков – Дрен 2025“.

Одбележувањето ќе заврши со свечената седница во НУЦК „Марко Цепенков“, на која ќе бидат доделени признанијата „3 Ноември“. Оваа година, наградите ќе им бидат врачени на истакнати личности и институции што оставиле длабока трага во културата, науката, хуманоста, спортот и општествениот живот на градот и државата.

Гран при за Ема Зафирова на 33. Интернационален фестивал на аматерски документарен филм во Битола (ФОТО)

Во Малата сала на Центарот за култура во Битола синоќа беше отворен 33. Интернационален фестивал на аматерски документарен филм, во присуство на учесниците, жирито и љубителите на документарниот жанр.

Фестивалот го отвори Стефан Хаџиантоновски, претседател на кино-клубот „Студио Милтон Манаки“, кој потсети дека годинава се одбележуваат 120 години од купувањето на легендарната „Камера 300“ и снимањето на првиот документарен филм на Балканот – филмот за баба Деспина, снимен во 1905 година.

На фестивалот пристигнале 28 филмови, од кои 12 се натпреваруваа за награди.

Главната награда, Гран при, ја доби Ема Зафирова од Велика Британија (по потекло од Македонија) за филмот „Мајчински инстинкти“.
Златната плакета „Камера 300“ ѝ беше доделена на Валентина Андреиќ за „Три манастирски цркви во Куманово“, а сребрениот медал на УНИКА го доби Надица Петровиќ за „Макраме“.

Плакетата, која традиционално ја доделува Општина Битола, отиде кај Франц Моге од Словенија за филмот „Клукајдрвци“, а специјални признанија добија Ноела Нечковска, Љупчо Ристевски и Љупчо Паунковски за своите документарни остварувања.

Гласајте: Да ги поддржиме прилепските гимназијалци во натпреварот средношколец милионер (ВИДЕО)

Ученици од прва година од гимназијата “Мирче Ацев” од Прилеп, со своја идеја се дел од Brainster натпреварот за освојувајње 1.000.000 денари на најдобрата средношколска бизнис идеја.

Станува збор за најголемиот натпревар организиран во Македонија и тоа само за средношколци од државните и од приватните средни учичилишта.
Главна награда 1.000.000 денари – Организација и инвестиција од NU Академиите за талентирани средношколци и Brainster Next College – првиот практичен факултет за дизајн и IT.

Од 438 идеи, 52 продолжуваат понатаму, па на нашите ученици добро ќе им дојде секоја поддршка. Отворете ја веб страната milioner.mk, во полето за пребарување внесете AI StockBroker и гласајте за нив.

Во продолжение и видео опис на идејата на прилепските гимназијалци:

Жена донесена во битолската болница: Си работела во нивата, кога оддеднаш ја погодила дијабола од пушка во главата

-На 30.10.2025 во 15:30 часот во СВР Битола, од Клиничка болница Битола е пријавено дека кај нив со повреда најверојатно од воздушна пушка е примена Д.М.(54) од с.Долно Српци, битолско. Увидна екипа на СВР Битола изврши увид и констатирнао е дека, додека повредената била на нива помеѓу село Долно Српци и село Вашарејца, слушнала звук по што почувствувала дека е повредена на главата. Се преземаат мерки за расчистување на настанот – информираат од МВР.

Музички бренд и репрезент на Прилеп кој постои повеќе од 30 години – Пред полна сала “Октетот Прилеп” го одржа традиционалниот годишен концерт

Како и секоја година Oктетот Прилеп, синоќа приреди уживање со староградска музика на задоволство на прилепчани, кои и стари и млади уживаа од прва до последна минута

Брендот и музички репрезент на Прилеп постои веќе 31 година, синоќа Големата сала на НУ Центар за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп ја направи место на спој на генерации, вредности и сензибилитет, обединети и облагородени од срдечниот настап и староградскиот музички амбиент. Публиката, понесена од атмосферата, активно се придружи во песната.

Како и секоја година, и оваа Октетот имаше и гости, па концертот со свои настапи го збогатија одличниот вокал на Викторија Георгиоска, Дани Даниела, победникот од балканското шоу “Никогаш не е доцна”, Сашо Башески и кларинетистот Димитар Настески. Водител на концертот беше актерот Игор Трпчески.

Да им посакаме уште многу љубилеи во годините што идат и уште поуспешни концерти.

Уапсен 12-годишник во Битола – Влегол во паркиран автобус кај “спортската” и украл предмети од ученици на екскурзија

-На 31.10.2025 во Битола, полициски службеници од СВР Битола лишија од слобода 12- годишен битолчанец. Тој се сомничи дека извршил кривично дело „тешка кражба“, односно дека на паркинг простор пред спортска сала „Боро Чурлевски” во Битола со употреба на сила и подесен алат влегол во автобус со штипски регистарски ознаки, сопственост на приватна фирма од Штип, при што одзел повеќе лични работи на ученици и наставници кои биле на екскурзија.

По преземени мерки тој е пронајден и  лишен од слобода, а украденото е вратено на сопствениците.

По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава – информираат од МВР.

ОБЈАВЕН КОНКУРСОТ! Почнува аплицирањето за студентски стипендии за 2025/2026

Од денеска до 15 ноември ќе трае аплицирањето за студентски стипендии за академската 2025/2026 година. Министерството за образование и наука објави дека студентите може да аплицираат по конкурсот за четири категории стипендиии.

Првпат оваа година Министерството распиша и Конкурс за доделување 15 стипендии за редовни студенти запишани во прва година на студиски програми по македонски јазик за студиската 2025/2026 година, за кој пријавувањето е исто така од 1 до 15 ноември 2025.

Овие стипендии се доделуваат врз основа на одредба од Законот за употребата на македонскиот јазик и се со цел да ги стимулираат учениците од IV година од средното образование за запишување на студиски програми по македонски јазик.

Во објавениот конкурс се наведени условите и потребните документи за оваа стипендија за која месечниот износ ќе биде 6.050 денари и корисниците ќе ја добиваат девет месеци во текот на студиската година.

Конкурсот е објавен на следниот линк.

Списокот на кандидати на кои им се доделува стипендијата ќе биде објавен на веб-страницата на Министерството за образование и наука (www.mon.gov.mk)

Студентите заинтересирани да се пријават за некоја од стипендиите на МОН и кои ги исполнуваат условите од конкурсите може да аплицираат исклучиво електронски преку платформата: www.e-uslugi.mon.gov.mk

Студентите имаат право да се пријават само за еден вид стипендија од Министерството за образование и наука.

Во Крушево денеска гласаат 255, а во општина Долнени 134 болни и изнемоштени лица

Во вториот круг на локалните избори своето право на глас денеска го остваруваат болните и изнемоштените од Крушево и од Долнени.

Во Крушево нема никаков проблем со осварувањето на правото на глас на болните и изнемоштените лица, потврдуваат од општинската изборна комисија. Правото на глас го остваруваат 255 болни и изнемоштени.

И во општина Долнени нема никаков проблем за текот на денешното гласање. Можност да гласаат имаат 134 болни и изнемоштени лица.

Инаку, на вториот круг од изборите право на глас во Крушево имаат 7768 граѓани, а во општина Долнени се регистрирани 11 929 избирачи.