дома блог страница 305

Премиерот Мицкоски во посета на Битола на увид на реконструкција на киното „Партизан“

Претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски денеска ќе ја посети Општина Битола.

Како што соопшти владината прес-служба, премиерот Мицкоски ќе присуствува на почеток на реконструкција на зградата на поранешното кино „Партизан“ во Битола при НУ Народен театар Битола.

Вредноста на договорот е 96.000.000 денари, додека рокот на реализација е до декември 2026 година.

Предвидено е по настанот премиерот Мицкоски да даде изјава за медиуми.

Влада: 1.570 ученици ќе добиваат по 3.500 денари месечно 9 месеци

Како резултат на заложбите на Владата и МОН за унапредување на квалитетот на средното стручно образование, обезбедени се 50 милиони денари за 1.570 стипендии за новите ученици во дуално образование од септември.

Во учебната 2025/2026 година учениците кои ќе се запишат во дуалните паралелки и ќе ги исполнат конкурсните услови, 9 месеци ќе добиваат по 3.500 денари, велат од Владата.

„Реалниот сектор има потреба од стручни, квалификувани лица и за таа цел, како Влада преку овие мерки и чекори ги стимулираме младите своето образование да го продолжат во некоја од дуалните паралелки.

Дополнително, потврда за тоа дека со оваа мерка како Влада ја развиваме соработката со реалниот сектор е вклучување на 550 компании кои директно ќе ја спроведуваат практичната обука на учениците што ќе се запишат во дуалните паралелки.

Како Влада правиме конкретни чекори за унапредување на образованието и создаваме кадри кои ќе добијат можност, доколку не го продолжат својот образовен процес на повисоко ниво, по завршување на средното училиште да се вработат во некои од компаниите.

Преку ова ја намалуваме невработеноста, но и ги стимулираме младите да ги усовршат практичните вештини со кои ќе бидат поконкурентни на пазарот на труд.

Образованието е најважниот столб на развојот на Македонија.

Преку квалитетно и реформирано образование, младите ќе останат да ја градат сопствената иднина во Македонија.

Нашата заложба е да обезбедиме иднина за сите и да ја вратиме надежта кај младите.

Државата е на патот на промените!“, стои во соопштението на Владата.

(ВИДЕО) 60-годишниот маратонец Д-р Бошко Илиев го преплива прилепското вештачко езеро

Прекрасната природа, чистата и бистра вода и тишината на прилепското Вештачко езеро беа инспирација и предизвик за 60-годишниот маратонец и доктор по спортска медицина, Бошко Илиев од Кавадарци, да направи несекојдневен спортски подвиг – да го преплива езерото во должина од 4 километри, по кружна патека.

Подвигот траеше 1 час, 37 минути и 8 секунди, а за успешната реализација д-р Илиев доби признание од градоначалникот на Општина Прилеп, г. Борче Јовчески.

Д-р Илиев, кој со пливачки маратони активно се занимава од 2001 година, подвигот го реализираше како дел од неговата лична мисија – промоција на природните убавини на Македонија и здравиот начин на живот. Прилепското Вештачко езеро е 21-то езеро што го има препливано во земјава, а ова му е вкупно 168-ми маратон, реализиран во 14 држави на Балканот.

„Имав огромна желба да го препливам Вештачкото езеро и тоа ми се оствари, благодарение на логистичката поддршка од Општина Прилеп, градоначалникот и моите пријатели. Езерото е прекрасно – со чиста, мирна вода и убава природа. Сакам да ги препливам сите езера во Македонија. Остануваат уште неколку. Целта ми е преку спортот да ги афирмирам нашите природни ресурси и да поттикнам развој на туризмот,“ – изјави Илиев.

Прилепското Вештачко езеро се наоѓа на само 5 километри од градот и претставува значаен туристички и рекреативен капацитет. Изградено е во 1967 година како акумулација за наводнување и технолошка вода. Максималната должина му е 1,5 километри, а најголемата ширина 600 метри. Езерото зафаќа површина од 0,55 km², со вкупна запремнина од 6 милиони кубни метри вода.

Општина Прилеп изразува благодарност до д-р Бошко Илиев за неговата посветеност и за афирмацијата на природните убавини на нашиот регион. Подвигот претставува мотив плус за развој на спортскиот и еко-туризмот во Прилеп и пошироко.

(Фото галерија) Ристески денеска во Велес и Неготино: Интересот за владините мерки од Оперативниот план огромен, пристигнати над 3.200 апликации

По Прилеп, Кавадарци, Струмица и Битола, денеска информативни денови за презентирање на мерките од Оперативниот план за вработување за 2025 година денес се одржаа во општините Велес и Неготино.

Пред жителите на општините Велес и Неготино Заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески, заедно со претставници од Агенцијата за поддршка на претприемништво и Агенцијата за вработување ги презентираа мерките од Оперативниот план, со акцент на трите подмерки од мерката за самовработување (претприемништво), каде јавните повици се објавени и сите заинтересирани можат да аплицираат до 20 јуни.

Во рамки на посетата на општината Велес, на присутните им се обрати и ги пренесе своите искуства од користењето на мерката за самовработување (претприемништво) Александра Карагирова, специјален едукатор и рехабилитатор. Таа преку користењето на оваа мерка во 2019 година го отвора Центарот за стимулација, раст и развој „Старс“, прв приватен центар од овој вид во вардарскиот регион кој нуди дефектолошки, логопедски и неурофидбек третмани.

Градоначалниците на Велес, Марко Колев и Неготино, Горан Стојанов ги повикаа жителите на овие општини да ги искористат поволностите од оваа мерка, како и од останатите мерки од Оперативниот план и да аплицираат на некој од јавните повици.

Заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески потенцираше дека интересот за мерките е огромен, а заклучно со крајот на изминатата недела примени се над 3200 апликации.

Трагедиja на патот Прилеп-Битола, загина 49-годишен прилепчанец: Го туркал велосипедот, па на него налетал автомобил

-На 15.06.2025 околу 21 часот во Полициската станица Прилеп било пријавено дека на регионалниот пат Прилеп-Битола, патничко возило „рено“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од Т.Д.(51) од с.Галичани, прилепско, удрило во М.Б.(49) од Прилеп, кој туркал велосипед. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил М.Б., констатирани во Општа болница Прилеп, каде што подоцна им подлегнал на повредите. Лекар констатирал смрт, а увид извршила увидна екипа од ОВР Прилеп и јавен обвинител, по чија наредба, телото на починатиот било дадено на обдукција – информираат од СВР Битола.

Вojната помеѓу Иран и Израел почна да си го прави своето? Од полноќ поскапување на горивата во Македонија

Цените на горивата од вечерва на полноќ се зголемуваат, одлучи Регулаторната комисија за енергетика.

ЕУРОСУПЕР 95, ЕУРОСУПЕР 98+ и ЕУРОДИЗЕЛ поскапуваат за 1,5 денари.

Според новите цени, ЕУРОСПУЕР 95 од утре ќе се продава по цена од 76 денари по литар. ЕУРОСУПЕР 98+ од утре ќе чини 78 денари по литар. ЕУРОДИЗЕЛ ќе се продава по 67,5 денари.

Поевтинува цената на Екстралесното масло за домаќинство за 1 денар, и од утре ќе се продава по 67,5 денари. Цената на мазутот поскапува за 1,3 денари, и од утре ќе чини 39,8 денари по килограм.

Словенечки компании повторно доаѓаат во Прилеп – Учествувај на настанот “Живот и работа во Словенија”

За сите заинтересирани за живот и работа во Словенија, Заводот за вработување на Република Словенија ги организира истоимените настани, оваа недела, од 16-ти до 19-ти јуни, во Куманово, Прилеп и Охрид.

На настаните, покрај претставниците на Заводот за вработување, ќе учествуваат и истакнати словенечки работодавачи, од различни дејности како: производство, градежништво, транспорт и логистика, туризам и угостителство, здравство и социјална грижа и од други области.

Целта на настаните е да се презентираат актуелните потреби на работодавачите и притоа на сите оние кои бараат работа да им се обезбедат веродостојни информации за условите за работа и живот во Словенија.

Настаните ќе се одржат од 10 до 17 часот во:

  • Куманово, на 16-ти јуни (понеделник) – ресторан „Палас Гарден“,
  • Прилеп, на 17-ти јуни (вторник) – хотел „Кристал Палас“,
  • Охрид, на 19-ти јуни (четврток) – хотел „Метропол“.

Улогата на Заводот за вработување на овие настани е да ја зајакне информираноста на работниците, односно да го подобри нивниот пристап до информации за правата, постапките за вработување, законодавството и сл.

Групните презентации на сите локации ќе се одржуваат двапати дневно: во 12:00 и во 15:00 часот. Исто така, ќе биде овозможено и индивидуално советување со консултантите на Заводот. Претходна резервација за присуство на настаните не е потребна.

На Маркови Кули во Прилеп пронајдени 5 камени гробници од времето на последните македонски кралеви, Филип IV и Персеј

Пет нови камени гробници во карпа дооткрија археолозите од прилепскиот Завод и музеј при заштитните архелошки истражувања на локалитетот „Крклари“ во комплексот Маркови Кули над Прилеп. Тие се од владеењето на македонските кралеви Филип Петти и Персеј од првиот и вториот век од нашата ера од хелинистичкиот период.

Фото/print screen/Инфо Компас

Според археологот, козерватор Владимир Крстески, овој тип гробници се специфични и претставуваат единствена појава во Прилепскиот регион. Во гробниците се закопувале видни граѓани и може да бидат голема туристичка атракција.

-Нивни заеднички елементи на градење се: дромосот, преткомората и главната комора каде се приложувале посмртните, односно, спалените останки на покојникот. Хронолошки, се датираат во првиот и вториот век од нашата ера, односно во доцно-хелинистичкиот период. Со доистражувањата на овој тип гробници во Пелагонискиот регион ќе се надополнат сознанијата за погребувањето на луѓето од повисокиот општествено-политички статус за време на владеењето на последните македонски кралеви Филип Петти и Персеј. Со тоа ќе станат убава туристичка атракција со поатамошните конзерваторски работи и нивно заштитување и целосен пристап за да може посетителите и туристите да ги посетат и да го видат начинот на погребување од овој тип, објаснува Крстески.

Со децении се знае за камените гробници но комплексот Маркови Кули кој сѐ уште крие тајни и големи археолошки изненадувања. Гробниците ги истражувал познатиот прилепски археолог Бошко Бабиќ во шеесетите години. Најмногу ги има во Прилепскиот регион и, според досегашните податоци се 27 гробници. Во битолски Суводол се три, четири се во Гевгелиско-валандовскиот регион и една гробница е кај Кратово, на локалитетот „Дупка“. Има индиции за уште поголем број гробници, дури и од средновековието, а истражувањата ќе продолжат и во наредните години со што ќе бидат доистражени сите гробници на оваа територија. Комплексот Маркови Кули е една голема некропола.

-Специфично е и тоа што се врзуваат и се наоѓаат во близина на античките градови Керамија, кој бил во непосредна близина, односно на Марковите кули и во близина на античкиот град Колобаиса, односно во Горно село кај Трескавец. Тоа ни докажува дека во тој период овие градови живееле и имале висок политички и економски статус. Овој цел Регион претставува една огромна некропола. Тоа се докажува со нашите истражувања дека се пронајдени уште два гроба од подознежниот период, и тоа, од средниот век. Во иднина истражувањата ќе покажат што сѐ околу Марковите кули се крие, вели археологот конзерватор од прилепскиот завод и музеј Владимир Крстески.

(ВИДЕО) Иранците масовно го напуштаат Техеран, редици на бензинските пумпи

По израелските напади врз Техеран, многу жители се обидуваат да го напуштат градот и да побараат засолниште во пооддалечени области. Продавниците се затворени, а на бензинските пумпи се формираа долги редици, јавува дописникот на BBC од Иран.

Иако многумина се обидуваат да избегаат, многумина не можат да ја напуштат покраината поради густиот сообраќај.

„Мислам дека сè уште не сум разбрал целосно дека живеам во активна воена зона. Ова не е моја војна. Не поддржувам ниту една страна, само сакам да преживеам со моето семејство“, вели еден жител кој успеал да го напушти градот.

Иранската државна новинска агенција IRNA, исто така, објави фотографија од воздух на која се гледа голем конвој автомобили кои се обидуваат да го напуштат Техеран.

Видео на кое се гледаат огромни толпи на автопат надвор од Техеран е исто така споделено на социјалните мрежи.

„Не добиваме никакви предупредувања, само слушаме експлозии“

„Техеран очигледно не е безбеден. Не добиваме никакви предупредувања или аларми од властите. Само слушаме експлозии и се надеваме дека нашиот дом нема да биде погоден. Но, каде можеме да одиме? Никаде не е безбедно“, рече друг жител.

„Луѓето се обидуваат да избегаат – на еден или друг начин“, додаде друг. Според извештајот на BBC, Иранците се организираат во групи на апликации за пораки – иако многу од нив се забранети во Иран – и организираат заеднички патувања и разменуваат предупредувања за опасни подрачја додека го напуштаат градот.

Приведен возач во Прилеп со 1,9 промили алкохол кој управувал товарно возило

-На 15.06. полициски службеници од ОВР Прилеп на улицата „Пеце Котески“ во Прилеп го лишиле од слобода М.С.од Скопје, кој што управувал товарно моторно возило „Ивеко“, и при контрола во патниот сообраќај, било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно дека има 1.90 промили алкохол во крвта.

М.С. бил исклучен од сообраќај и задржан во полициска станица, а по целосно документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава – информираат од МВР.